Свет

Блумберг: Макрон размислува за предвремени избори на есен

Францускиот претседател Емануел Макрон ги разгледува можностите за распуштање на парламентот и одржување вонредни избори на есен, бидејќи враќањето на меѓународната сцена помага во зголемувањето на популарноста на францускиот претседател дома, пишува Блумберг.

Макрон во последните недели се консултирал со лица од своето најтесно опкружување во врска со таквото сценарио. Разговорите биле само консултативни и никаква одлука не е донесена. Следните парламентарни избори треба да се одржат дури во 2029 година.

Истовремено, на консултациите, предложена е опција да се причека со распуштањето на парламентот до следната година и парламентарните избори да се одржат истовремено со планираните локални избори во 2026 година.

Макрон во декември им кажа на партиските лидери дека ќе се обиде да избегне вонредно гласање пред истекот на неговиот мандат во 2027. Кабинетот на францускиот претседател одбил да го коментира потенцијалното распуштање, но извор близок до Макрон вчера кажал дека намерата на Макрон не е променета.

Таквиот потег би можел да ја загрози релативната стабилност која Франција ја има од декември, кога Макрон го именуваше Франсоа Бајро за премиер. Пред тоа Макрон претрпе катастрофални избори во јули кои го распарчија народното собрание и го оставија без група која има мнозинство, што предизвика повеќемесечен политички хаос.

Предвремени парламентарни избори би можеле да му дадат на крајно десното движење Национален собир на Марин ле Пен прилика да го продолжи својот замав и евентуално да ја преземе контролата врз владата, забележува Блумберг.

Француските гласачи го поддржале враќањето на Макрон во меѓународната жижа, кревајќи го неговиот рејтинг од рекордно ниското ниво. Последните анкети покажале дека неговата популарност пораснала на 31 отсто во март, што е седум отсто повеќе во однос на претходниот месец и блиску до нивото пред минатогодишните парламентарни избори. Сојузниците на Макрон, меѓутоа, се загрижени дека нови избори во следните месеци би можеле уште повеќе да го нарушат нивното мнозинство.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons