АХВ спречи нелегален увоз: уништени над 40 тони нелегални јајца од Србија
Над 40 тони необележени јајца од Србија се уништени на депонијата Дрисла, откако инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Царинската управа, спречија обид за нивен нелегален увоз во земјава.
Акцијата била спроведена на граничниот премин Табановце, каде по детална контрола биле откриени вкупно 572.400 свежи јајца, скриени зад првите палети со уредно декларирана стока. Во едната пратка биле пронајдени 270 илјади, а во другата 302.400 необележани јајца.
Според АХВ, постоеле индиции дека овие производи требало дополнително да се обележат и лажно да се пласираат како домашно производство, со што би се загрозиле и потрошувачите и конкурентноста на македонските производители.
„Благодарение на брзата, стручна и одлучна реакција, спречена е сериозна измама и потенцијален ризик за потрошувачите“, информираат од АХВ.
Вкупната количина од 40 тони и 410 килограми јајца е прогласена за небезбедна и нештетно уништена.
Од АХВ најавуваат дека за вклучените субјекти ќе бидат изречени соодветни мерки, како и дополнителни проверки на нивното досегашно работење.
Институцијата потенцира дека останува посветена на засилени контроли и бескомпромисна борба против измамите со храна, со цел заштита на граѓаните и домашното производство.



