АХВ НАЈДЕ ХРАНА СО ПОМИНАТ РОК НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ – од скопско „тобако“ уништени околу 2 тони небезбедна храна
Издадена е наредба за уништување скоро два тони храна од тобако во главниот град, соопштува Агенцијата за храна и ветеринарство од каде посочуваат дека е изречена и парична казна, без да ја откријат вистината на казната. Воедно од Агенцијата укажуваат дека нерегуларности и храна со поминат рок е најдена и во други објекти низ земјава. Во Битола оператор на храна исто така доби казна за затекнта небезбедна храна, а се казнети и неколку субјекти во Охрид.
– По доставената иницијатива од граѓани за спроведување на вонреден инспекциски надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во Скопје, спроведе контрола во кај оператор со храна кој стопанисува со киосци ( тобако), каде е затекнато поголемо количество небезбедна храна со поминат рок.
За утврдениот прекршок инспекциските служби на Агенцијата издадоа решение за уништување на 1.920 килограми небезбедната храна повлечена од неколку киосци со кои стопанисувал операторот. За сторениот прекршок, изречена е парична казна – пишува во соопштението на АХВ.
Од Агенцијата исто така посочуваат дека при спроведена вонредна инспекциска контрола во угостителски објект во Битола исто така е затекната небезбедна храна во количина од 241 килограм, која по издадено решение од инспектор нештетно е уништена.
– За пуштање во промет на небезбедна храна на операторот изречена му е казна во висина од 600 евра во денарска противвредност, а со 300 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице во правниот субјект. Дополнително, на овој оператор со храна изречена му е и казна од 300 евра и 150 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице за неизвршени задолжителни здравствени прегледи за вработените – посочуваат од Агенцијата.
Од АХВ откриваат дека при редовен инспекциски надзор, во Охрид, со 1.400 евра (1.000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице во правното лице) во денарска противвредност, казнет е маркет за пуштање во промет на небезбедна храна (сувомесни производи и мелено месо) кои биле без декларација и со поминат рок на употреба. Заради неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените, во Охрид, парично казнета е и месарница – соопштуваат од АХВ.