Апелација ја поништи забраната за штрајк на контролорите
Скопскиот Апелациски суд ја поништи забраната за штрајк на контролорите на летање во претпријатието во државна сопственост М-НАВ. Синдикатот на контролорите на летање може да го реализира штрајкот кој беше закажан за 20 октомври, меѓу двата изборни круга.
Судијка од Граѓанскиот суд донела времена мерка „забрана за штрајк“, без некој во тужбата да го побара тоа од неа, а Совет од тројца апелациони судии утврдил дека судијката го повредила членот 2 од Законот за парнична постапка и предметот го врати на повторно судење во Граѓанскиот суд.
Во образложението се наведува дека не можело да се види како судијката од Граѓанскиот суд – Скопје утврдила дека се бара да одреди времена мерка „забрана за штрајк“, кога со тужбата не се барало времена мерка.
„Првостепениот суд во своето нејасно решение, не дал образложени причини поради кои прифатил дека поднесената тужба претставува предлог за привремена мерка. Граѓанскиот суд направил сопствена правна оцена за нешто што не е предмет на тужбеното барање“, стои во образложението на одлуката на Апелациониот суд.
Кон средината на декември е закажана повторната расправа во Граѓанскиот суд Скопје, кога Синдикатот на контролори на летање се надева дека конечно ќе биде повикан за да изнесе аргументи против сите тврдења во тужбата на Управниот одбор на М-НАВ составен од тројцата директори.
При повторното судење, Апелациониот суд бара од судијката да ги почитува упатствата од повисокиот суд.



