Американците го продолжија рокот на Србија за продажба на рускиот удел во НИС
Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (ОФАК) издаде нова лиценца на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која овозможува преговори за продажба на рускиот удел со продолжен рок до 24 март, но во исто време не ѝ одобри на НИС да работи во тој период, објави Радио телевизија на Србија (РТС).
Како резултат на санкциите на Соединетите Американски Држави рафинеријата НИС не може да прима сирова нафта од 9 октомври, кога стапија на сила санкциите на САД и за таа компанија во Србија поради конфликтот во Украина.
Вашингтон бара целосно излегување на руските акционери од компанијата, но преговорите за потенцијалната продажба се одолговлекуваа, па рафинеријата НИС престана со работа на 25 ноември. Српските власти тврдат дека снабдувањето со деривати е обезбедено до 25 јануари.
ОФАК издаде нова лиценца, која овозможува преговори за продажба на рускиот удел, на НИС со продолжен рок до 24 март, но без дозвола за работа на НИС во тој период.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно денес изјави дека продолжувањето на лиценцата за преговори со руската страна до 24 март „не значи многу за Србија“, бидејќи проблемот со снабдувањето мора да се реши што е можно поскоро.
Тој претходно изјави дека Србија брзо увезува гориво и дека има доволно од него барем до 15-ти, а можеби и до 25-ти јануари. Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека дипломатските преговори ќе продолжат со цел да се најде прифатливо решение.
Американските претставници досега постојано го предупредуваа официјален Белград дека не сакаат руска сопственост (56,15 проценти) во НИС, која „треба да биде – нула“, но дури и со неколку одложувања во примената на санкциите, тоа не се случи, и покрај „шетањето на акции“, по кое, во обид да се релаксира кризата, во меѓувреме ја спроведоа подружниците на руската компанија, кои не се под влијание на санкциите.



