Американските федерални агенти започнаа со масовни апсења на имигранти во Њу Орлеанс
Американските федерални агенти почнаа да патролираат по улиците на Њу Орлеанс во најновата акција на администрацијата на претседателот Доналд Трамп против имигрантите низ САД, со цел апсење на мигранти обвинети за насилни злосторства, изјави функционер на Министерството за внатрешна безбедност.
Маскирани агенти патролирале во претежно латиноамериканско предградие со обележани и необележани возила, еден жител за Асошиејтед прес изјавил дека ги гледал агентите како апсат мажи пред продавница за домашни потреби „Хоум депо“ во Њу Орлеанс – позната сцена веќе видена во неколку поголеми градови во последните месеци.
Командантот на граничната патрола Грегори Бовино, кој ги водеше операциите во Чикаго, Лос Анџелес и Шарлот, Северна Каролина, се сретна со агентите собрани на паркингот пред „Хоум Депо“.
Повеќе од 200 службеници од царинската и граничната заштита на САД и од имиграциската и царинската служба беа вклучени во операцијата во Њу Орлеанс, изјави американски функционер кој не беше овластен јавно да зборува за оваа тема.
Целта е да се извршат колку што е можно повеќе апсења во рок од најмалку 60 дена.
Помошничката на секретарот на Министерството за внатрешна безбедност Триша Меклафлин изјави дека операцијата во Њу Орлеанс била насочена кон имигранти кои биле ослободени од затвор откако биле уапсени за кривични дела како што се провали во домови, вооружени грабежи и силувања.
Службениците за имиграција ги преплавија големите и малите градови низ САД од јануари, спроведувајќи ги агресивните напори на републиканскиот претседател Доналд Трамп за масовно депортирање на мигрантите.
Уште една операција се очекува во наредните денови во Минесота, насочена кон сомалиски имигранти.



