Американската пошта не прима привремено пакети од Кина
Американската поштенска служба (USPS) вчера објави дека нема да прифаќа „привремено“ и „до понатамошно известување“ пакети од континентална Кина и Хонг Конг, поради воведувањето царински тарифи од страна на Вашингтон и Пекинг еден на друг.
„Ги повикуваме САД да престанат да ги политизираат и инструментализираат економските и трговските прашања и да престанат да вршат непотребен притисок врз кинеските претпријатија“, рече Лин Џијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, на редовниот брифинг со новинарите денеска.
USPS не ги наведе причините за овој потег во своето кратко соопштение, појаснувајќи само дека „протокот на писма и рамни пакети (со исто потекло) нема да бидат засегнати“.
Сепак, најавата дојде по одмаздата на Пекинг како одговор на зголемувањето на царините од 10% на САД за производите увезени од Кина кои стапија на сила вчера. Потоа Пекинг воведе свои царини за низа производи увезени од САД: јаглен, нафта или земјоделски машини.
Одлуката на USPS може да го блокира, барем привремено, влезот во САД на пакети од особено популарни платформи за е-трговија, како што се Шеин и Тему, кои продаваат производи по ниски цени.
Вработен во поштата во Макао денеска за АФП изјави дека пакетите може да продолжат да се испраќаат во САД од овој специјален административен регион на Кина.
„Засега, ние не сме засегнати, бидејќи (суспензијата) се однесува само на парцели со потекло од Кина и Хонг Конг“, додаде тој.
Предметите со мала вредност претходно беа ослободени од царина во САД, но новата администрација на Трамп го суспендираше ова правило, покрај воведувањето дополнителни царини.
Ова ослободување во голема мера ги фаворизираше платформите Шеин и Тему, како и Амазон: бројот на пратки се зголеми за 600% во последните 10 години, достигнувајќи 1,36 милијарди. парцели лани, наспроти речиси 140 мил. во 2015 година.
Реагирајќи на овие најави, акциите на кинеските компании за е-трговија паднаа на берзата во Хонг Конг: акциите на JD.com изгубија 5,6% од својата вредност денес. Шејн и Тему сè уште не одговориле на барањата на АФП за коментар.
Првично, од вчера требаше да се воведат царини (25 отсто) на извозот од Мексико и Канада во САД. Но, Доналд Трамп даде едномесечен грејс-период по преземањето обврски за зајакнување на граничната безбедност. Мексико, Канада и Кина се главните трговски партнери на САД и заедно сочинуваат над 40% од увозот во земјата.