Американската и британската амбасада побараа итни акции против корупцијата
Меѓународните партнери очекуваат засилена борба со корупцијата во земјава. Повеќето претставници на амбасадите, кои учествуваа на регионалната антикорупциска конференција во Скопје, кажаа дека се потребни конкретни акции, а не само политички изјави. Според нив, постои ургентна потреба за борба против корупцијата и порачаа Македонија да се придржува до патоказот усвоен минатата година, кој ги содржи препораките на ГРЕКО.
„Патоказот нема да биде ништо друго освен уште еден стратешки план ако остане неимплементиран, што ќе ги разочара граѓаните на кои им служите. САД слушаат и најважно очекуваме резултати од десетиците милиони долари кои ги инвестиравме во правосудниот сектор до овој ден и будно ги следиме дадените заложби“, вели Ерик Мејер – заменик амбасадор на САД.
„Сѐ уште има многу малку обвиненија, пресуди и затворски казни, поврзани со организиран криминал низ регионот“, рече Сузи Дајкин – МВР на Велика Британија.
„Крајно време е за акција. Зборовите и изјавите со добри намери не се ефикасни“, рече Дејвид Гир – евроамбасадор.
Според домашните експерти треба да се испита зошто она што е вложено не го дало посакуваниот резултат.
„Сега конечно се сетија и тие, иако ние за тоа повикаувавме многу, да се бара од тоа отчет, одговор и резултати, а не само да се даваат средства“, вели Слаѓана Тасева – Транспаренси Македонија.
Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска рече дека се согласува со изјавата на заменикот амбасадор на САД, Ерик Мејер дека требаат резултати од вложените средства. Таа исто така кажа дека немала средба со американскиот тим за санкции кој беше во Скопје.
„Претпоставувам дека тој тим си има своја задача, со свои цели за коишто е дојден. Кажав и претходно, ќе повторам и сега дека секоја помош, не само меѓународна, туку од било каков аспект и од невладиниот сектор, од медиумите, е добредојдена“, рече Славица Грковска – вицепремиер за добро владеење.
Според Грковска државата треба да го забрза исполнувањето на поставените таргети во борбата против корупцијата.