Алексовска и Трајановски донесоа победничка вечер за Македонија
Синоќа, на 14 септември, Македонија беше сведок на најголемиот ММА спектакл – Арммадa 14! Во незаборавна атмосфера пред домашната публика, македонските борци испишаа ново поглавје во историјата на ММА во земјата.
Даниела Алексовска и Марко Трајановски ја крунисаа вечерта со големи победи, покажувајќи дека Македонија има борци со кои може да се гордее.
Даниела Алексовска импресионираше со сензационална победа уште во првата рунда! Со маестрален арбар, таа ја совлада противничката Флацеа Алда од Молдавија во последната минута од воведната рунда. Алда немаше излез од зафатот на Алексовска, па судијата немаше друг избор освен да ја додели победата на македонската борка.
Марко Трајановски, пак, го запиша својот прв полупрофесионален триумф со убедлива судиска одлука против Петар Кликовац од Србија. По целосни три рунди, во кои Трајановски ја контролираше акцијата и доминираше над противникот, судиите едногласно ја доделија заслужената победа за македонскиот репрезентативец.
Оваа победничка вечер не само што донесе радост и гордост на македонската публика, туку и ја означи подготовката за нови предизвици. Даниела Алексовска веќе се подготвува за својот следен натпревар, на Светското ММА Првенство во Тбилиси, Грузија, кое ќе се одржи на 27 септември, каде повторно ќе ја претставува Македонија на највисоко ниво.