Свет

Албански пратеници се степаа со обезбедувањето, палеа факели во салата на парламентот

Албанските пратеници се степаа со обезбедувачите за време на денешната собраниска седница, викаа, се влечеа меѓусебно и палеа факели во салата.

Пресметката се случи за време на седницата каде што се гласаше за новиот албански омбудсман, највисокиот функционер задолжен за човекови права во земјата. Опозициската Демократска партија на Албанија ја обвини владејачката Социјалистичка партија за изборна измама и поткопување на демократијата во земјата, теми за кои протестираат со месеци.

Пратениците од опозицијата корнеа микрофони и фрлаа шишиња кон претседателот на парламентот Нико Пелеши, додека тој се обидуваше да влијае гласањето да продолжи.

Пелеши ги повика пратениците да ја почитуваат институцијата парламент.

За време на физичката пресметка со собраниските обезбедувачи, пратениците од опозицијата запалија факели откако одбија да ги напуштат местата на сегашните министри, кои ги зазедоа пред почетокот на седницата.

Пратениците држеа транспаренти со слогани со кои го споредуваа премиерот Еди Рама со панамскиот диктатор Мануел Антонио Нориега Морено, нарекувајќи го „Нориега на Европа“.

Едно од главните барања на опозицијата е оставка на вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балука, која ја задржа својата позиција иако Специјалниот суд за корупција и организиран криминал (СПАК) издаде налог за нејзино апсење.

СПАК ја обвини Балука за мешање во процедурите за јавни набавки во неколку градежни проекти и го повика парламентот да гласа за одземање на нејзиниот имунитет. Таа тема треба да се дискутира на претстојната специјална седница. Балуку не одговори на обвинувањата упатени против неа.

Албанија се смета за лидер меѓу земјите од Западен Балкан за пристапување кон Европската унија заедно со соседна Црна Гора. Сепак, меѓународните набљудувачи велат дека земјата продолжува да страда од широко распространета корупција и монополизација на власта од страна на владејачката Социјалистичка партија, која е на власт од 2013 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons