Свет

Азербејџан тврди дека ерменската армија нападнала негови воени позиции

Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека ерменските воени сили синоќа и рано изутринава испукале ракети врз позициите на азербејџанската армија на границата со Ерменија и во непризнатиот регион Нагорно Карабах.

– Почнувајќи од вечерните часови на 13 март, до утрото на 14 март, повремено беше пукано врз позициите на азербејџанската армија, вкупно 19 пати, се вели во соопштението.

Во соопштението се нагласува дека „илегалните ерменски воени единици на територијата на Азербејџан“ отвориле оган во областа каде што привремено е стационирана руската армија, која го надгледува спроведувањето на мировниот договор меѓу Ерменија и Азербејџан во непризнатата Република Нагорно-Карабах.

Азербејџанските воени сили „соодветно возвратиле“, информира Министерството за одбрана на Азербејџан.

Конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија почна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно Карабах, со мнозинско ерменско население, ја објави својата одлука да излезе од Азербејџан, а во септември 1991 година, во центарот на тој регион, Степанкерт, објавено е формирање на Република Нагорно Карабах.

За време на воениот конфликт кој следуваше, азербејџанските власти изгубија контрола над Нагорно Карабах, а од 1992 година, во тек се преговори за мирно решавање на конфликтот во рамките на Минск групата на ОБСЕ.

Азербејџан инсистира на зачувување на својот територијален интегритет, а Ерменија ги брани интересите на непризнаената република, бидејќи Нагорно Карабах не е страна во преговорите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons