Свет

Австралијците одлучија: Албанезе повторно е премиер

Австралискиот премиер од Лабуристичката партија, Ентони Албанезе, повторно победи на денешните парламентарни избори, според проекциите на јавниот радиодифузен сервис Еј-би-си.

Изборната кампања беше обележана со прашања поврзани со куповната моќ, животната средина и американските царини.

Веста дека лидерот на конзервативната опозиција Питер Датон, шефот на Либералната партија, го загуби своето место во парламентот од кандидатот на лабуристите, дојде како гром од ведро небо, покажуваат проекциите на Еј-би-си.

Централно-левичарската партија ќе формира влада во следниот парламент, изјави Ентони Грин, аналитичар на Еј-би-си, откако беа преброени речиси 40 отсто од гласовите.

Лабуристичката партија води во 71 изборна единица, според официјалната проекција на Австралиската изборна комисија, што е недалеку од прагот од 76 места потребен за мнозинство во Долниот дом на Парламентот.

Наспроти нив, коалицијата на Питер Датон води во 25 изборни единици, според истиот извор, кој сѐ уште не објавил информации за дваесетина пратенички места.

Гласачите требаше да изберат 150 членови на новиот долен дом на Парламентот и да обноват околу половина од местата во горниот дом, Сенатот.

Албанезе, кој е премиер откако победи на парламентарните избори во 2022 година, вети дека ќе развие обновлива енергија, ќе се бори против станбената криза и ќе обезбеди повеќе средства за здравствениот систем.

„Светиот грал е да се извојуваат две последователни победи и тоа е она кон што се стремиме денес“, изјави Албанезе за Канал Седум пред изборите.

Анкетите му даваа мала предност пред Питер Датон, поранешен полицаец во бригадата за борба против наркотици, кој изјави дека сака да ја намали имиграцијата и да се бори против криминалот.

Од првите денови предизборната кампања беше потресена од трговската офанзива на американскиот претседател Доналд Трамп. Австралија, долгогодишен сојузник на САД, е погодена со царина од 10 отсто за голем дел од својата стока што се извезува во Америка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons