Авион со 242 лица се урна во Индија
Авион на Ер Индија со вкупно 242 патници и членови на екипажот кој летал за Лондон се урна неколку минути по полетувањето од западноиндискиот град Ахмедабад, соопштија авиокомпанијата и полицијата. Министерот за здравство на Индија изјави дека „многу луѓе“ загинале.
Најмалку 30 тела се извлечени од зградата на местото на несреќата, соопштија спасувачите, како што објави „Ројтерс“. Според спасувачите, уште луѓе се заробени во зградата.
Авионот бил на пат кон британскиот аеродром Гетвик, соопшти Ер Индија, додека полициските службеници изјавија дека се урнал во област во близина на аеродромот.
„Зградата врз која се урна е лекарски хостел“, изјави за новинарите висок полициски службеник.
Од 242 лица, 217 биле возрасни и 11 деца, изјавил извор за Ројтерс. Меѓу нив имало 169 индиски државјани, 53 британски, седум португалски и еден канадски државјанин, соопшти Ер Индија.
Ер Индија соопшти дека на летот имало 230 патници и 12 членови на екипажот.
Страницата за следење на летови Флајтрадар24 соопшти дека станува збор за авион боинг 787-8 „дримлајнер“, еден од најмодерните патнички авиони што се користат.
„Моментално ги финализираме деталите и ќе ја известиме јавноста со новости“, соопшти Ер Индија на социјалната мрежа Икс. Повредените се префрлени во најблиската болница.
Несреќата се случила веднаш по полетувањето, објавија телевизиските мрежи. Еден канал објави снимка од авионот како полетува над станбена област, а потоа исчезнува од екранот пред да се појави во кадарот со оган што се издига над куќите.
На снимките, исто така, се гледаат остатоците од авионот во пламен, додека густ, црн чад се крева на небото во близина на аеродромот. Исто така, се гледаат луѓе на носилки и во амбулантни возила.
Според контролата на воздушниот сообраќај на аеродромот Ахмедабад, авионот полетал во 13:39 часот по локално време (09:09 часот по средноевропско време) од пистата 23. Издал „повик за опасност“, сигнализирајќи вонредна состојба, но потоа немало одговор од авионот.
Флајтрадар24 објави и дека последниот сигнал од авионот бил примен неколку секунди по полетувањето.
„Авионот е боинг 787-8 Дримлајнер со регистрација ВТ-АНБ“, се наведува.
Боинг соопшти дека е запознаен со првичните извештаи и дека работи на собирање дополнителни информации.