ЌЕ СЕ ГРАДИ ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ ТУНЕЛ ДЕВЕ БАИР – ЃУЕШЕВО Бугарија за в четврток најави церемонија за потпишување договор
Од македонска страна засега има само изјава на министерот за транспорт и врски Александар Николоски дека по локалните избори ќе се потпише договорот за тунелот постапка која е договорена во јуни.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, и вицепремиерот и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски, ќе потпишат Договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел меѓу двете земји, објави бугарската агенција БГНЕС.
Од македонска страна засега има само изјава на министерот за транспорт и врски Александар Николоски дека по локалните избори ќе се потпише договорот за тунелот постапка која е договорена во јуни.
Во текстот на БГНЕС се најавува дека потпишувањето на договорот ќе се одржи на 6 ноември 2025 година на железничката станица Ѓуешево, а на церемонијата ќе присуствуваат претставници на Европската комисија, дипломатските мисии на земјите од ЕУ и НАТО во Бугарија, како и претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.
Деновиве и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека по завршување на локалните избори ќе се потпише договорот за заедничка изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија, како што е договорено во јуни годинава.
– Во јуни имавме средба со вицепремиерот и министер за транспорт Караџов во Истанбул, една корисна конструктивна средба, каде што првпат после скоро година дена, седнавме да ги разгледаме реалните проблеми коишто се од инженерски, а не од политички карактер. Имајќи предвид дека средбата беше таква, стручна за теми коишто не се поврзани со политика, затоа што градење пруга не е политика, најдовме многу брзо решение – посочи Николоски.
Тој додаде дека е договорено Македонија да ја изгради третата фаза од железницата кон Бугарија, првата, додаде, е изградена, а втората се гради во моментов.
-На седница на Влада исто така одобривме да се работат корекциите во делот на третата фаза и одиме по договорот, и се надевам дека ќе го реализираме, и дека за неколку години ќе имаме железничко поврзување помеѓу Скопје-Софија и пристаништето во Бургас – рече Николоски.
Прекуграничниот тунел е клучен елемент на транспортниот коридор Западен Балкан – Источен Медитеран и стратешкиот Коридор VIII. Неговата имплементација овозможи железничко поврзаност меѓу Бугарија и Македонија и ќе го подобри пристапот до транспортот меѓу Црното Море и Јадранското Море.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кои половина се наоѓа на македонска , а половина на бугарска територија.



