Актуелно

Штрајкот се одложува, авионите ќе полетуваат и слетуваат на нашите аеродроми 

Најавениот штрајк од Синдикатот на контролорите на летање се одложува. Ова го соопшти денеска Министерството за транспорт и врски, од каде потецнираат дека бил постигнат договор за решавање на барањата кои беа отворени од страна на Синдикатот на М-Нав (ССКЛ).

– Го поздравуваме потпишувањето на колективниот договор и одлуката за ангажирање на консултантска фирма која професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието. 

Продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на превземените обврски од двете страни. Се согласивме да работиме на подигање на нивото на транспарентноста за сите прашања, се до изработката на студијата која ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието.

Со ова ја информираме јавноста дека штрајкот ќе биде одложен, со цел давање на простор за надминување на отворените прашања.

Министерството за транспорт и врски заедно со менаџментот на М-Нав стои на ставот за спроведување на барањата на Синдикатот – се нагласува во соопштението на Министерството за транспорт и врски. 

На почетокот на месецов, Синдикатот на контролори на летање  во АД во државна сопственост за услуги во воздухопловната навигација М-НАВ најави штрајк кој требаше да се одржи денеска во периодот од 11 до 17 часот.  

Претседателот на Синдикатот Александар Тасевски посочи дека бараат да се запре со непрофесионалното однесување од директорите во однос на процесите за вработувања, внатрешни прераспоредувања, услови за работа и опрема која треба да се имплементира за да се модернизира системот за работа.

– Вработувањата се прават спротивно на актите за кариерен развој, се даваат приоритети на тие кои ги одбираат директорите за вработување, а тоа не гарантира квалитет на личноста и создава револт кај квалитетните кадри на кои не им се дава шанса за напредок – кажа Тасевски. 

Тој истакна дека се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа  се користи како изговор пак за дополнителни вработувања. Исто така истакна дека од 300 и повеќе вработени во Контрола на летање оперативни контролори се само 70,  наспроти како што вели на пример во Словенија  каде има 240 вработени, но 120 контролори. 

Едно од барањата е и да се ангажира фирма од надвор која ќе изврши функционална анализа за тоа кои служби и профилни кадри се потребни, како документ што во иднина ќе им биде поткрепа при неосновани постапки од раководството.

Реагираат и поради, како што вели, застарената опрема инсталирана во 1999 година која досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години. 

– По тендерот за набавка од 2014 година конечно е донесена, а ќе се монтира во просторија за која е добиена привремена употребна дозвола, а за обновата на таа просторија се потрешени приближно половина милион евра – кажа првиот синдикалец на контролорите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons