Цената на златото достигна нов рекорд поради блокадата на американската влада
Цените на златото денес достигнаа нови рекордни нивоа откако американската влада влезе во прв прекин на работењето во речиси седум години бидејќи пратениците не успеаја да постигнат договор за буџетот.
Времето на траењето на овој прекин е клучно бидејќи објавувањето на важни податоци за вработувањето ќе биде одложено, што создава неизвесност пред следниот состанок на Федералните резерви (Фед), пишува Си-ен-би-си.
Со оглед на тоа што нема јасен пат за договор, неизвесно е и колку долго ќе трае суспензијата. И за време на првиот мандат на Доналд Трамп имаше делумен прекин на работата кој траеше 34 дена – најдолго во историјата.
Поради таа неизвесност, ризичните имоти изгубија вредност, додека златото – кое се смета за безбедно засолниште во време на економски или геополитички турбуленции – продолжи со силниот раст, достигнувајќи го својот 39-ти рекорден максимум оваа година. Цената на спот златото беше на 3.893,06 долари за унца, додека фјучерсите за злато во Соединетите Американски Држави за испорака во декември се искачија на 3.918,10 долари.
„Статусот на златото како безбедно засолниште е добро познат, но незапирливиот пораст на цената во последните неколку години е навистина зачудувачки, а металот денес достигнува нови максимуми“, изјави Мајкл Филд, главен стратег за акции во Морнингстар. Иако забележа дека растот во среда беше поттикнат од затворањето на американската влада, Филд тврди дека тоа беше „само последната капка“.
„Два големи тековни конфликти, политичка нестабилност во Франција, новонајавени тарифи – сето тоа се комбинира за да создаде многу нестабилна слика за инвеститорите“, смета тој. „И кога работите стануваат тешки, златото добива поттик“.
Филип Гијселс, главен директор за стратегија во БНП парибас фортис, долго време се залагаше за тоа златото да ја пробие границата од 4.000 долари, а сега верува дека може да оди уште повисоко.
„Златото брзо се приближува до целната цена од 4.000 долари што ја поставивме пред околу година и пол“, вели тој. „Во тоа време, растот беше поттикнат исклучиво од купувањата на централните банки, додека инвеститорите беа нето продавачи на жолтиот метал, но од почетокот на годината, инвеститорите се вклучија, што очигледно го забрза движењето нагоре.“
Гијселс тврди дека во услови на постојана неизвесност, нестабилност и тврдоглава инфлација низ целиот свет, инвеститорите сè повеќе бараат да се диверзифицираат од класичната стратегија на портфолио 60/40 кон „материјални средства“ како што е златото.
„Сепак, сè уште сме многу рано во играта бидејќи златото и инвестициите поврзани со злато сочинуваат едвај 2 отсто од просечното инвестициско портфолио во светот“, додаде тој. „Да го кажам во спортски термин, ние сме само во првото полувреме. Цената од 4.000 долари нема да биде крајната точка, туку само почетокот на најсилниот раст на пазарот на скапоцени метали што светот некогаш го видел“.
Во белешка до клиентите во среда наутро стратегот на УБС Џони Тевес, исто така, забележа дека златото останува недоволно застапено во портфолијата.
„Очекуваме трендот на раст на златото да продолжи во наредните квартали, поттикнат од растечките позиции на инвеститорите и континуираното проширување на базата на инвеститори во злато. Со оглед на тоа што циклусот на олабавување на Фед е во тек, слабоста на доларот и падот на реалните каматни стапки треба да бидат поволни за цената на златото“, кажа таа.
Тевес истакна дека УБС очекува постепено забавување на растот кон крајот на 2026 година, пред крајот на циклусот на олабавување на Фед и подобрувањето на економските услови. „Сепак, со оглед на структурната промена во улогата на златото, кое станува клучен дел од стратешката распределба на средствата, очекуваме дека корекцијата на крајот ќе биде ограничена и дека цените ќе се стабилизираат на долг рок на историски повисоки нивоа“, заклучи таа.