Свет

Франција блокира две поглавја во преговорите за пристапување на Црна Гора во ЕУ

Франција го блокираше затворањето на две поглавја во пристапните преговори на Црна Гора со Европската Унија, но сепак се очекува Подгорица да затвори три поглавја следната недела, потврдија дипломатски извори по состанокот на постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ во Брисел.

Според извори на ТВЦГ, Црна Гора треба да ги затвори поглавјата за Право на основање компанија и слобода на обезбедување услуги (3), Слободно движење на капиталот (4) и Корпоративно право (6). Меѓувладината конференција е планирана за 16 декември, пред почетокот на седницата на Советот на министри за општи работи на Европската Унија.

Франција се спротивстави на затворањето на поглавјата за Земјоделство и рурален развој (11) и Рибарство (13), поради што овие поглавја остануваат отворени по последната рунда консултации.

Дипломатски извори укажуваат дека постојаните претставници на земјите-членки повторно ќе се состанат викендов, што би можело да биде дополнителна можност да се разговара за потенцијалното затворање на уште некои поглавја пред меѓувладината конференција.

Црна Гора официјално ги започна преговорите за членство во Европската Унија на 29 јуни 2012 година, откако доби статус на кандидат во 2010 година. Оттогаш, ги отвори сите поглавја од преговорите и привремено затвори неколку.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons