Трајковски – младиот македонски голман кој го облече дресот на Партизан
18-годишниот голман од Ѓорче Петров, Павел Трајковски неодамна потпиша за Партизан, Македонецот направи чекор напред во својата кариера кој може да биде клучен за неговиот развој во иднина.
Со одличните партии во младинските категори на Македонија Ѓорче Петров, Трајковски го привлече вниманието на поголемите клубови, а најбрз до неговиот потпис беше Партизан.
Павел кој е дел и од младинските селекции на македонската репрезентација, во разговор за „Нетпрес“ ја открива страста за голманската позиција и ја потенцира желбата и одлучноста кои треба да го носат до голема кариера.
„Ме фасцинира тоа што фудбалот не е само спорт, туку страст што ги обединува луѓето. За фудбал сум заинтересиран уште од најрана возраст, кога почнав да играм со другарите во маало и да ги следам натпреварите на телевизија“, рече Павел на „Нетпрес“.
„Соработката со белградскиот Партизан се случи преку мојата посветеност и упорност на натпревари во младинската лига каде ги покажав своите способности. Овој ангажман го доживувам како огромна чест и шанса да се развивам како играч. Очекувам да научам многу од искусните играчи, да се усовршам и да го дадам својот максимум за тимот. Верувам дека со труд и упорност можам да остварам големи успеси и да ја докажам својата вредност на теренот“.



