Странските партнери од текстилниот сектор најавуваат напуштање на Македонија
Македонија повеќе не е интересна за странските партнери од текстилниот сектор, поради недостаток на млада работна сила. Македонските конфекционери во моментот се соочуваат со намалување на нарачките и најавите дека странските партнети ќе заминат од земјава, а своите бизниси ќе ги продолжат во земјите од северна Африка.
Најнови капацитети кај што се селат европските брендови се Мароко и Египет, особено египетската Влада дава многу големи субвенции за опремување на конфекциите со нови современи машини, а да ви кажам дека со цените се тука некаде како кај нас, 12 еуро центи за минута, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.
Работодавачите засега не ги затвараат капацитетите и се снаоѓаат со домашно производство. По Нова Година ќе знаат дали ќе продолжат со работа или ќе мора да стават клуч на врата. Доколку се случи второто сценарио, најпогодени ќе бидат текстилните работнички над 50 годишна возраст.
Ние се уште имаме во нашите конфекции луѓе, кои се во средни години и да речеме и требаат уште 10 или 15 години до пензија. Ако дојде до поголемо намалување на работата ќе се случи да дел од тие луѓе ќе останат без работа. Работата е дека и да немаме млади, подмалдување, барем овие луѓе да дочекаат достојна пензија и да си заминат во пензија, додаде Димитров.
Освен во текстилната индустрија, недостаток од работна сила има и во градежништвото и угостителството. Анализите покажале дека во моментот се бараат над 10 000 работници во сите сектори.