ССМ: Една година од големиот работнички протест, Владата остана лош работодавач
За жал, изминатава година, Владата се покажува како лош работодавач, одбива да го потпише Општиот колективен договор за јавен сектор каде што требаше да биде утврден регресот за годишен одмор или актуелниот К-15 за сите работници во јавен сектор, иако истиот не е спорен и одредбите се усогласени помеѓу социјалните партнери, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија по повод годишнината од генералниот штрајк.
ССМ на 12 декември 2021 година организираше голем работнички протест со три главни барања: недела да биде неработен ден, минималната плата да се зголеми на 18.000 денари, да се потпише Општиот колективен договор за јавен сектор.
Иако протестот не беше поддржан од другите синдикати, ССМ соопштува дека заедно со работниците се изборија од јануари 2022 година недела да стане неработен ден за 92% од работниците и минималната плата да се зголеми на 18.000 денари од март 2022 година со што беа исполнети две од трите работнички барања.
„За исполнување на ова барање, како и да се уврди дали ветувањата на владините министри се само една голема лага, остануваат уште дваесетина денови до крајот на годината.
Ќе бидеме принудени да побараме одговорност и оставки од министрите кои јасно и гласно кажуваа (лажеа и манипулираа) дека нов општ колективен договор за јавен сектор ќе има и дека истиот ќе биде потпишан до крајот на оваа година, а за новата методологија за усогласување односно пораст на сите плати со порастот на минималната плата, која методологија требаше да важи од 1 јануари 2023 година, а нема ниту ‘М’ од истата“, соопшти ССМ и најави продолжување на заедничката борба против неправдата нанесена од работодавачите, локалната и централната власт.