Актуелно

Скрининг на населението во Трубарево и околината денеска и утре 

Министерството за здравство, во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, организира дводневен скрининг на населението во Трубарево, по неодамнешниот пожар во објект за електронски отпад. Скринингот ќе се реализира во текот на денов и утре – 24 и 25 септември, информираа вчера во видео изјава за МИА, министерот Азир Алиу и директорот на Клиниката, Оливер Зафировски.

-Скринингот ќе го вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила. Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата кои чувствуваат потешкотии при дишењето или имаат симптоми кои укажуваат на заболувања на дишните патишта, појасни министерот Алиу.

Предвидено е скринингот да опфати: комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.

-Нашата цел е да обезбедиме врвна здравствена грижа за сите граѓани. Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие ќе бидат извршени на лице место или пациентите ќе бидат упатени на Клиниката за пулмологија, појасни министерот Алиу.

Со оваа акција, како што посочи министерот, се овозможува навремено детектирање евентуални симптоми кај населението, со цел обезбедување на потребната здравствена заштита.

Зафировски рече дека била започната една убава акција и оти здравјето на граѓаните е пред сѐ.

Како што беше појаснето, возилата ќе бидат распоредени кај маркетите „Бренд“ и „Флорида“.

МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons