СЗО повика да поскапат алкохолот, тутунот и безалкохолните пијалоци за 50%
Светската здравствена организација (СЗО) вчера ги повика земјите да ги зголемат цените на алкохолот, тутунот и безалкохолните пијалоци за 50% во следните десет години преку даноци за да помогнат во борбата против хроничните болести.
Според СЗО, ова ќе помогне во намалувањето на потрошувачката на овие производи, кои придонесуваат за болести како што се дијабетесот и некои видови рак, и да се соберат пари во време кога помошта за развој се намалува, а јавниот долг расте. „Даноците за здравје се една од најефикасните алатки што ги имаме“, рече Џереми Фарар, помошник генерален директор на СЗО за промоција на здравјето и превенција и контрола на болести.
„Време е да се дејствува“, додаде тој. СЗО ја започна иницијативата, наречена „3 до 35“, на конференцијата на ОН за финансирање на развојот во Севиља. Иницијативата би можела да собере 1 трилион долари до 2035 година.
СЗО со децении ги поддржува даноците на тутун и зголемувањето на цените, а во последниве години повикуваше на даноци на алкохолот и безалкохолните пијалаци, но ова е прв пат да предложи конкретни зголемувања на цените за сите три производи.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на конференцијата изјави дека даноците би можеле да им помогнат на владите „да се приспособат на новата реалност“ и да ги зајакнат своите здравствени системи со зголемени приходи. Речиси 140 земји веќе ги зголемија даноците и цените на тутунот за просечно повеќе од 50 проценти помеѓу 2012 и 2022 година, соопшти СЗО.
СЗО, исто така, разгледува и други даночни препораки, вклучително и оние за ултрапреработената храна, и во наредните месеци ја финализира дефиницијата за овие прехранбени производи. Иницијативата е поддржана од Блумберг финатропис, Светската банка (СБ) и ОЕЦД, и вклучува поддршка за земјите што се подготвени да преземат акција.