САД го предупредија Додик
Претседателот на Република Српска Милорад Додик доби ново предупредување од американската дипломатија дека Вашингтон нема да ја толерира неговата сецесионистичка реторика и заканите по опстанокот на Босна и Херцеговина. Амбасадата на САД во Сараево реагираше еден ден откако Додик по трет пат беше инаугуриран за ентитетски претседател, а минатите четири години ги мина на функцијата член на Претседателството на БиХ.
За време на говорот кој по преземањето на должноста го одржа пред пратениците во парламентот на РС, Додик се закани дека на секоја евентуална одлука на високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит, која би се однесувала на имотот со кој располагаат ентитетите, решително ќе реагира.
Објасни дека тоа всушност значи пат кон отцепување на РС од БиХ. „Оној кој тоа ќе го напише, ја напишал одлуката која јас тука ќе ја предложам, а тоа е одлуката за отцепување на РС“, кажа Додик пред пратениците, за што доби аплауз од редовите на својата партија.
Високиот претставник Шмит го нарече „суштество“ и констатираше дека минало времето кога САД и европските држави можеле со сила да ги спречат сецесионистичките планови. Амбасадата на САД му порача дека таа земја ќе продолжи да ги поддржува територијалниот интегритет, суверенитетот и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина.
„Сецесионистичката реторика е опасна, неодговорна и антидејтонска. Токму поради изјавите како оваа Милорад Додик е санкциониран од страна на САД“, се наведува во изјавата на амбасадата.