РФМ закажа Изборно собрание, наследникот на Мукаетов ќе се знае во март
Ракометната Федерација на Македонија ќе добие нов предводник на 1 март, откако Управниот Одбор денеска го изгласа терминот за одржување на редовното Изборн Собрание на почетокот од новата календарска година.
Живко Мукаетов уште пред извесно време најави повлекување од функцијата по истекот на третиот мандат, за денеска и официјално да биде одреден датумот кога успешниот бизнисмен ќе ја напушти функцијата што одлично ја извршуваше повеќе од една деценија.
„Уште еднаш сакам да потенцирам дека јас нема да бидам кандидат за претседател на ова собрание“, истакна Мукаетов.
Живко Мукаетов ја извршува функцијата претседател на Ракометната Федерација на Македонија уште од 2013 година, остварувајќи бројни успеси како прв човек на куќата на ракометот кај нас, овозможувајќи континуитет од настапи на сите големи натпреварувања на нашата машка репрезентација во неговиот мандат, но и камбек на женската репрезентација на големата сцена и значителни резултати на нашите млади селекции на европските и на светските шампионати.
По утврдувањето на датумот, се очекува во наредниот период да се интензивира и трката за наследник на Мукаетов, во која барем засега нема изразит фаворит.