Распишана потерница за 27.000 избегани лососи, награда 43 евра по риба
Компанијата за преработка и трговија со морска храна „Мови“ на рибарите им нуди 43 евра по риба по инцидент на фарма за лосос во кој избегале 27.000 лососи.
Активистите велат дека тоа е „катастрофа за дивиот лосос“.
„Mowi“, глобална компанија за преработка, производство и трговија со морска храна, им понуди награда на рибарите кои ќе уловат избеган лосос. Се проценува дека 27.000 риби исчезнале од фарма на норвешкиот брег, што според активистите може да биде катастрофално за дивиот лосос.

Најголемиот производител на фармерски лосос во светот нуди награда од 500 круни (43 евра) за уловен лосос, откако објави дека четвртина од нејзините лососи, од 105.000 единки избегале од кафезите во областа Тромс, во северозападна Норвешка, пренесува РТС.
Норвешката Дирекција за рибарство соопшти дека бегството на лососот во неделата го пријавила компанијата „Мови“ која навела дека при невремето било откриено оштетување на надворешниот прстен на кафезот во објектот Сторвика V, кој се наоѓа на територијата на општина Диреј.
Просечната тежина на побегнатата риба била 5,5 килограми. Норвешките власти беа на лице место во понеделникот, извршија увид во објектот и издадоа наредба да ги поддржат напорите на компанијата за враќање на исчезнатите риби.