Македонија

Провизиите ги одраа граѓаните – од 20 до 70 денари за водење трансакциска сметка месечно, до 100 евра годишно за банкарски услуги

Вкупни надоместоци на банката за една година од 800 до 6.000 денари, секој месец за членарина на дебитна картичка 20 денари, за управувачка провизија 45 денари. Ако плаќате сметки преку електронско банкарство, провизијата зависи од висината на сметката. Ако пак имате неколку картички од различни банки, сумата е многу повисока. Значи едно просечно македонско семејство по претпоставка да има двајца вработени со по две картички, една дебитна и една кредитна од различни банки, годишно ќе треба да одвои минимум 400 евра само за провизии. Кај кредитните картички сумата е многу повисока. Токму затоа сè повеќе банки во земјава воведуваат таканаречени банкарски пакети, со кои на клиентите им се нуди комбинација од повеќе услуги за една месечна провизија.

Дали за една услуга се плаќа два пати?

Овие пакети всушност претставуваат група банкарски услуги за водење на трансакциска сметка, дебитна картичка, мобилно и интернет банкарство кои клиентот ги користи со една месечна такса. Прв е најчесто основниот пакет кој е најевтин пакет на услуги. Во него обично се вклучени трансакциска сметка, дебитна картичка, пристап до мобилно и интернет банкарство како и можност за плаќање сметки и проверка на состојбата на сметката. Месечната провизија е од 20 до 30 денари во зависност од банка до банка, а се наплаќа како единствена такса за користење на услугите во пакетот, а не за секоја поединечна трансакција или проверка на состојбата.

Провизијата се однесува на одржување на сметката, користење на дигиталното банкарство и пристап до останатите услуги што се дел од пакетот. Се нудат и други пакети со поширок опсег на услуги. Освен трансакциска сметка, дебитна картичка и интернет банкарство, клиентите добиваат и повеќе бесплатни трансакции, како и поповолни провизии за одредени банкарски услуги. Во некои случаи пакетот може да вклучува и можност за користење кредитен лимит или други дополнителни услуги. Тој е поскап и е со цена и од 60 до 80 денари на месечно ниво. Дел од клиентите забележуваат дека на изводите од сметката се појавуваат две различни провизии, што создава впечаток дека банката двојно го наплаќа водењето на трансакциската сметка.

Сепак, најчесто не станува збор за иста услуга. Една провизија се однесува на одржување на трансакциската сметка, додека другата се однесува на банкарскиот пакет што го користи клиентот.

Се наплаќа и одржување на дебитна картичка

Во некои случаи банките наплаќаат и одделни надоместоци за одржување на дебитна картичка или за користење на електронско банкарство. Понекогаш клиентите имаат и повеќе активни сметки, што исто така може да резултира со повеќе месечни провизии.

Експертите посочуваат дека ваквиот модел на банкарски пакети станува сè почест, бидејќи им овозможува на клиентите поедноставно користење на банкарските услуги, додека банките добиваат појасна структура на наплата на своите услуги.

Кога станува збор за кредитни картички, провизиите се значително повисоки. Годишната членарина за картичка најчесто се движи од 800 до 2.500 денари (околу 13 до 40 евра). Дополнително, подигнувањето готовина со кредитната картичка носи провизија од 3 до 5% од износот, со минимална такса од 150 до 300 денари. Плаќањето со картичката во странство или во друга валута обично се наплаќа со дополнителни 1 – 3% провизија. Во случај на доцнење со плаќање, банките наплаќаат казнена такса од 300 до 1.000 денари, а каматата за неплатен долг најчесто изнесува 10 – 18% годишно.

Економските експерти посочуваат дека провизиите за банкарски услуги се значителен дел од приходите на банките, а редовното користење на картички и трансакциски сметки може да значи плаќање од неколку стотици до неколку илјади денари годишно. Затоа, тие советуваат граѓаните внимателно да ги следат тарифниците и да користат електронско банкарство кога е можно, бидејќи овие услуги обично се поевтини од трансакциите на шалтер.

Провизии за подигнување пари од банкомат

Провизии се наплаќаат и при подигнување готовина од банкомат, особено ако банкоматот е од друга банка, кога надоместокот може да достигне и до 300 денари по трансакција. За дебитни картички, пак, банките најчесто наплаќаат 200 до 500 денари годишно, додека кредитните картички имаат уште повисоки трошоци.

Дополнителни провизии се плаќаат и при меѓународни трансфери на пари, каде надоместоците можат да изнесуваат од 100 до над 1.000 денари, како и при конверзија на валути, каде банките заработуваат преку разликата во курсот.

Економските аналитичари посочуваат дека провизиите се важен извор на приходи за банкарскиот сектор. Според проценките, значителен дел од приходите на банките доаѓа токму од надоместоци и такси што ги плаќаат граѓаните.

Иако во последните години се зголемува користењето на електронско и мобилно банкарство, кое често нуди пониски провизии, граѓаните и понатаму плаќаат за голем дел од основните банкарски услуги.

Во ЕУ има пониски провизии

Додека во Македонија провизиите за основни банкарски услуги како вадење пари од банкомати и плаќање сметки се наплатуваат дебело, во Европската Унија овие трошоци се значително пониски благодарение на строгите регулативи. Според податоците од Европската централна банка (ЕЦБ) многу банки нудат бесплатни услуги во рамките на еврозоната. На пример, за вадење пари од банкомат во друга земја членка на ЕУ, банката не смее да наплаќа повеќе од домашната провизија, што често е бесплатно или под 1 евро.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons