Македонија

Пријави за семејно насилство, кавги и викотници – внатрешна контрола на МВР ги чешла полицајците кои постапувале во десетина пријави

Полициските службеници кои постапувале во десетина пријави за насилство во семејството на Ивана Јовановска, која загина по пад од балкон заедно со нејзината шестгодишна ќерка, се предмет на истрага и на внатрешната контрола на МВР, пренесува ТВ24.

VСпоред неофицијални информации на ТВ24, меѓу пријавите имало случаи за семејно насилство, кавги и викотници, закани и нарушување на јавниот ред и мир. Дел од пријавите биле поднесени од сега починатата Ивана, дел од соседи, а имало и една или две дополнителни пријави од самата Ивана.

„Материјалите по кои постапува внатрешната контрола на МВР се веќе обезбедени, од утре ќе следуваат и разговори со полициските службеници кои постапувале по секоја пријава што се однесувала на семејството Јовановски“, изјавил за ТВ24 извор од истрагата.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое е надлежно за евентуална кривична одговорност на полицајците, потврдуваат дека се издадени конкретни насоки за спроведување проверки и прибирање на сите релевантни информации и докази. Како еден од клучните документи го очекуваат извештајот од внатрешната контрола на МВР.

„По доставување на известување од Секторот за внатрешна контрола, обвинителството ќе изврши сеопфатна оценка на сите прибрани сознанија и без одлагање ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Од обвинителството, кое вчера отвори истрага, за ТВ24 повторуваат дека истражните дејствија продолжуваат. Стојанче Јовановски, кој седум години ја малтретирал својата сопруга, а на денот на трагедијата, според обвинителството, двапати ја претепал – за што постои и видеоснимка и била повикана полиција – вчера доби уште осум дена притвор. Според министерот за внатрешни работи Тошковски, полицијата тогаш не констатирала видливи телесни повреди.

Во видео објавено од порталот „Скопје1“, Јовановски на прашањето дали чувствува вина молчел и правел гримаси.

Од МВР денеска излегоа со статистика, наведувајќи дека во последните две недели поднеле 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство.

„Само во Скопје се поднесени пет кривични пријави за родово базирано насилство, од кои три за ‘загрозување на сигурноста’ и две за кривично дело ‘демнење’. Изречени се пет мерки притвор и една мерка претпазливост. Најголем дел од делата се ‘телесна повреда’, но има и пријави за ‘противправно лишување од слобода’, ‘обид за убиство’ и ‘полов напад и силување’“, соопштија од МВР.

Вчера ОЈО информираше дека е отворена истрага и дека осомничениот Стојанче Јовановски седум години физички и психички ја малтретирал Ивана. Насилството, според обвинителството, било пријавувано од неа и од други очевидци во надлежните институции. Нападите се интензивирале изминатата година, поради што, како што наведуваат од обвинителството, Ивана се нашла во безизлезна ситуација и се одлучила на самоубиство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons