Македонија

 Почна бербата на јаболка, а берачи нема, дневници од 2.500 до 2.700 денари со храна и сместување

Почна бербата на јаболка, а берачи нема. Јаболкопроизводителите од Преспа ги чекаат берачите од Албанија, за кои годинава ќе плаќаат дневници од 2.500 до 2.700 денари, со храна и сместување.

Производителите не може сами да го наберат родот, а во државата не може да најдат работници за берба. Нашите не сакаат да работат за овие пари, а земјоделците не може да им платат повеќе од 2.700 денари, поради слабиот род и ниските откупни цени. Родот годинава е за 50 до 60 отсто помал од лани, поради доцните мразеви во април, а квалитетот е малку полош. Овоштарите не се задоволни со откупната цена на индустриското јаболко, која изнесува 9 денари за килограм, бидејќи, како што велат, не ги покрива трошоците, кои се многу повисоки од лани, а производствената цена изнесува од 12 до 13 денари за килограм, објави Вечер.

– Во државата тешко се наоѓаат работници за берба на овошје. Доаѓаат некои берачи од Прилеп и од Битола, но во помал број. Дневниците секоја година растат, но луѓето мора да платат, бидејќи не може сами да ги наберат. Поради тоа, последниве неколку години за берба се ангажираат работници однадвор, најмногу од Албанија. Некои газди им плаќаат и по два-три оброка и сместување, зависи како ќе се договорат. Родот годинава е за 50 отсто помал од лани, а квалитетот е малку полош. Има штети од мразот, односно прстени и мрежавост на јаболката, поради тоа голем дел од јаболката ќе одат за индустријата – изјави за весникот ВЕЧЕР Кирче Карапалевски од Националната земјоделска мрежа.

Тој вели дека земјоделците не се задоволни од цената по која трговците го откупуваат индустриското јаболко и која првично беше 8 денари, а сега се качи на 9 денари за килограм. Производствената цена годинава е 12-13 денари и сè што е под тоа е недоволно за овоштарите.

– Голем дел од нашето јаболко ќе се извезе во Србија, бидејќи таму годинава има дефицит и нудат повисока цена од онаа по која го откупуваат трговците. Минатата година, српските откупувачи го откупуваа нашето јаболко по 17 денари за килограм во берба, а годинава очекуваме цената да биде над 20 денари за килограм – вели Карапалевски.

Се очекува откупната цена на ајдарет годинава да биде околу 30 денари, а на сортите златен и црвен делишес, муцо, грени смит – од 40 до 50 денари за килограм.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons