Помал порастот на пензионери во Македонија, починале 4.274 повеќе за една година
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Завршната сметка за 2021 објави дека во таа година е во споредба со претходната има помал порастот на корисници на пензија или од 1,8 на 0,7 отсто за една година поради многу поголемата смртност.
„Намалениот пораст на пензионери оваа година се должи на зголемената смртност на пензионери и тоа во 2020 година имаше умрени 17.556 пензионери, а 2021 имаше 21.830 умрени, што е за 4.274 повеќе умрени и со тоа се намали порастот на корисници од 1,8 отсто на 0,7 отсто како што беше проектираниот пораст на пензионери за 2021 година“, се вели во документот објавен од ПИОМ.
Бројот на корисници на пензии и покрај зголемениот број на починати на годишно ниво, се зголемил во 2021 од 326.295 на 328.570 пензионери. За одбележување е тоа што бројот на корисници на инвалидска пензија се намалил за 6,74 отсто, односно нивниот број за една година се намалил од 32.169 на точно 30.000. Бројката на пензионери кои користат старосна и семејна пензија се зголемил во втората пандемиска година на Ковид-19.
Трансферот од буџетот во пензискиот фонд изнесувал 500 милиони евра, односно 30,066 милијарди денари. Вкупните приходи биле 1,325 милијарди евра. Средствата од буџетот во вкупниот приход учествувале со 37,52 отсто.
Салдото на паричните средства на 31 декември 2021 изнесувало 6,28 милијарди денари или останале нешто повеќе од 100 милиони евра непотрошени. Оваа сума ја спомена и премиерот Димитар Ковачевски како добредојдена во законското зголемување на пензиите со новата методологија, чија исплата треба да започне заклучно со месец септември, а просечниот износ би бил околу 900 денари.
Пензискиот фонд годината ја започна со буџет во кој вкупните расходи се над 1,3 милијарди евра. Од сите овие пари за пензии треба да се потрошат милијарда и 20 милиони евра. И оваа година сепак, придонесите на вработените не се доволни за покривање на пензиите на постарата популација, па Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе чека на буџетската поддршка. Од вкупните приходи кои изнесуваат исто како и расходите над 1,3 милијарди евра – дури 520 милиони евра се пари од буџетот.
А зголемувањето на зависноста на Фондот од буџетот од година в година се смета за клучен проблем. Меѓународните институции во неколку наврати сугерираа на зголемување на старосната граница за пензионирање но и за зголемување на пензискиот придонес, за да може да се амортизира дупката и да се зголемат изворните приходи на Фондот.