Политико: Словенија многу ризикува со референдумот за НАТО
Словенечкиот премиер Роберт Голоб ја разниша сопствената коалиција и политичката сцена во Љубљана со објавувањето дека Словенија би можела да одржи референдум за членство во НАТО, пишува Политико. Идејата следи откако парламентот го поддржа предлогот на левичарскиот коалициски партнер на Голоб, Левица, за одржување советодавен референдум за зголемување на трошоците за одбрана на 3 отсто од БДП до 2030 година.
Иако партијата на Голоб, Движење за слобода, гласаше против тој предлог, самиот премиер, на самитот на НАТО во Хаг минатиот месец, веќе се обврза на уште поамбициозна цел – издвојување на 5 отсто од БДП за одбрана до 2035 година. Кризата во владата дополнително ескалираше кога центристичките социјалдемократи, исто така дел од коалицијата, застанаа на страната на опозицијата и ја поддржаа иницијативата за референдум.
Голоб: Или остануваме и плаќаме, или си одиме
Видно незадоволен, Голоб одговори со предлог за значително посериозен плебисцит: за тоа дали Словенија воопшто треба да остане членка на НАТО, алијансата на која се приклучи во 2004 година.
„Постојат само два можни начина: или остануваме во алијансата и ја плаќаме членарината, или ја напуштаме алијансата. Сè друго е популистичка измама на граѓаните“, порача Голоб во соопштението.
Неговите зборови доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп го засилува притисокот врз европските сојузници да издвојат повеќе трошоци за одбрана, а воедно сугерира дека Соединетите Американски Држави можеби нема да ги заштитат неплаќачите ако Русија нападне.
Словенија под прагот на НАТО
Со години, Словенија не ја исполнува целта на НАТО за минимум 2 отсто од БДП за одбрана – моментално инвестира само 1,29 отсто, што е меѓу најниските издвојувања во Алијансата. Новата обврска од 5 отсто до 2035 година предизвика дополнителни поделби, особено затоа што, како што тврдат критичарите, немало вистинска јавна дискусија за тоа во земјата.
Европратеникот Матјаж Немец од Социјалдемократите ја оцени одлуката на Голоб како „емоционална, избрзана и нестратегиска“ и додаде дека неговата партија не смета дека е мудро да го отвори прашањето за членство во НАТО во овој момент.
„Целта од 3 отсто беше единствената што нашата партија во владата ја поддржа како мандат на премиерот за самитот во Хаг. Премиерот немаше мандат да ја прифати целта од 5 отсто“, рече Немец.
„Тоа е многу опасно и неодговорно“
Критики дојдоа и од академските кругови. Професорката по одбрана на Универзитетот во Љубљана, Јелена Јуван, ја обвини владата за неодговорно однесување.
„Мислам дека она што го прави нашата влада е многу опасно и неодговорно. Тие всушност се коцкаат со иднината на нацијата, особено имајќи ја предвид малата големина на Словенија и состојбата на нашите вооружени сили. Тие се обидуваат да ги решат внатрешните политички конфликти со ова, што е несоодветно“, кажа Јуван.
Политичкиот аналитичар и професор Миро Хачек смета дека Голоб, кој влезе во високата политика дури во 2022 година и веднаш победи на изборите, покажува знаци на политичка незрелост.
„Тој не е навикнат да губи гласови… Се чувствува уценуван од неговите коалициски партнери. Ова е прв пат во овој мандат двајцата коалициски партнери да гласаат против него. Тој има малку политичко искуство и не го предвидел ова сценарио“, кажа Хачек.
Популизам или стратегија?
И додека политичките аналитичари веруваат дека предлогот за референдум бил импулсивен, членовите на партијата на Голоб тврдат дека тоа бил намерен потег. Европратеничката Ирена Јовева од Движењето за слобода кажа дека објавувањето на референдумот за членство во НАТО е „промислена одлука“.
„Како што се приближуваат парламентарните избори напролет следната година, темата за зголемување на трошоците за одбрана е сè повеќе на врвот на политичките агенди и се заканува да стане средство за популистичка мобилизација на поддршка“, кажа Јовева.
„Иако знаеме дека нашите граѓани не се склони да ги зголемат средствата за одбрана, веруваме дека тие ги препознаваат безбедносните предности од членството во НАТО“, додаде таа.
Никој сериозен не бара излегување од НАТО
Истражувањата покажуваат дека членството во НАТО во моментов го поддржуваат само околу половина од словенечките граѓани, но ниедна голема партија не се залага за напуштање на алијансата. Дури и опозициската Словенечка демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша, која отворено го поддржува Трамп, не бара излез. Единствената парламентарна партија која се изјаснува за напуштање на НАТО е Левица.
„Би рекол дека 99 отсто од ова е мотивирано од внатрешнополитички причини и дека речиси никој во Словенија всушност не сака да го напушти НАТО“, оцени Хачек.
Тој и Јуван веруваат дека со оваа изјава Голоб всушност ја отворил кампањата за парламентарните избори во 2026 година. Сегашните анкети ѝ даваат на партијата на Јанша 29 отсто поддршка, додека Движењето за слобода на Голоб е на 20 отсто.
Опасна игра во време на геополитичка нестабилност
Користењето на членството во НАТО како преговарачка улога за решавање на домашните проблеми може да има сериозни последици, предупредуваат аналитичарите.
„Тоа е опасен потег… Словенија е една од членките на ЕУ со најпријателски став кон Русија. Ова би можело да стане совршено игралиште за руско мешање и обиди за влијание врз исходот од референдумот“, рече Хачек.
Потенцијалното странско мешање не е единствената опасност. Иако не е обврзувачки, референдумот за членство во НАТО би имал големо политича тежина. Доколку граѓаните гласаат против воениот пакт, Словенија би можела да се соочи со предизвик сличен на брегзитот.
„Може да се случи. Никој не го очекуваше тоа во Обединетото Кралство. Но сепак се случи“, заклучи Хачек.