Повеќе од 1.000 автомобили половина век лежат на дното на морето во Италија
На дното на Лигурското Море, покрај брегот на населбата Вараче, во италијанскиот округ Савона, се крие необична и малку позната приказна од минатото на земјата.
Станува збор за еден вид гробишта за автомобили – повеќе од илјада возила потонале во морето по една од најлошите природни катастрофи што ги доживеа Џенова во 20 век.
На почетокот на октомври 1970 година, обилни дождови ја погодиле Џенова и околните општини. За неколку часа, сè било парализирано – улиците биле претворени во реки, а водата немилосрдно носела сè пред себе.
Повеќе од 40 лица загинале, околу 2.000 биле раселени, инфраструктурата била оштетена, повеќе од илјада возила останале заглавени во калта, пренесува Вигили дел Фуоко.
Во деновите по поплавата, властите во Џенова имале огромен проблем – како да отстранат толку многу уништени автомобили?!
Во време кога еколошките стандарди скоро и да не постоеле, донесено е решение што денес делува шокантно – фрлени се во морето.
Горивото и маслото биле отстранети, а потоа се пренесени со баржи околу еден километар од брегот на Вараче. Завршиле на длабочина од 50 метри, далеку од очите на јавноста.
Иако невидлива од површината, „подводната депонија“ не е заборавена.
Нејзиното постоење го потврдуваат снимки и фотографии, како и сведоштва на рибари, кои тврдат дека токму тоа подрачје со текот на времето станало исклучително богато со риба.
Повеќе од 50 години подоцна, остатоци од автомобилите сè уште лежат на морското дно. Изменети од солената вода и текот на времето, многу од нив се делумно или целосно покриени со песок, додека други станале живеалишта за разни морски организми.



