Македонија

Пензионери и студенти ќе можат да работат без губење на бенефициите 

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на јавна расправа која се одржа во Собранието го образложи Законот за работно ангажирање на лица.

Тој рече дека Министерството за економија и труд активно работи на мерки за намалување на сивата економија и обезбедување на социјална заштита за работниците, а во таа насока е и предлог Законот за работно ангажирање на лица.

Една од целите на овој закон, рече Дурмиши, е да се спречи иселувањето на младите како и да им се даде на македонските компании легален однос да ангажираат работници.

Со овој закон, како што образложи министерот, се овозможува поедноставена постапка за работно ангажирање на лица за повремени и сезонски работи во одредени дејности.

Со законот би се дозволило да се ангажираат лица со старосна пензија, како и редовни студенти, без притоа тие да ги изгубат другите бенефиции, како што се корисниците на социјалната и детската заштита, евидентирани невработени лица (право на паричен надомест и не се бришат од евиденција на невработени), корисник на старосна и семејна пензија, корисник на право на социјална сигурност, статусот на редовен студент.

Овој закон, додава министерот, помага во борбата против неформалната „сива“ економија, преку формализирање на непријавената работа и е дел од стратешките определби на државата за стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности преку воспоставување систем на превентивни и стимулативни мерки за поддршка.

Работното ангажирање во поедноставена постапка ќе се врши со пријава на лицето преку регистарот за евиденција на работно ангажирање на Агенцијата за вработување на Република Македонија, додека наплатата на даноците и придонесите ќе се врши преку надградба на системот за наплата на даноците и придонесите на Управата за јавни приходи.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons