Откако се најдоа на местото на вооружениот напад во Косово, македонските државјани се враќаат дома
По извршеното вообичаено интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи вооружениот напад врз полицијата, напиша на својот фејсбук профил министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Во текот на вчерашниот ден косовската полиција беше веднаш соодветно известена за оваа ситуација по редовните канали, а јас лично разговарав и со мојата колешка Доника Гервала – Шварц. Низ целиот процес, косовските служби ја гарантираа безбедноста на нашите државјани, а нашата амбасада во Приштина беше во постојан контакт со нив, напиша Османи.