МакедонијаНајново

Ослободителна пресуда за екс директорот на Онкологија Васев, не се докажало дека работел несовесно

Ослободителна пресуда за поранешниот директор на Онкологија, Васев. Според судот, не се докажало дека тој работел несовесно како што тврдеше обвинителството.

Васев одговараше за недавање терапија на пациент со малиген меланом кој подоцна и починал. Во пресудата се наведува дека не се утврдила вина, бидејќи не се докажало кога и на кој начин екс директорот на Онкологија постапил несовесно при лекувањето на пациентот.

Васев, денеска не дојде да ја слушне пресудата за случајот во кој за несовесно лекување на иста обвинителна клупа седеа и докторите Игор Стојков и Марија Симоновска. Со ослободителната пресуда за тројцата лекари не се согласува обвинителството и најави жалба.. Сите докази укажувале дека обвинетите не ја овозможиле потребната здравствена заштита.. 

Судењето за тројцата лекари од Онкологија се одржуваше во исто време додека во Собранието траеше Aнкетната комисија која истражуваше дали онколошките пациенти добивале физиолошки раствор, а нивната терапија се продавала на црно. Пред пратениците седна и Васев кој рече дека не чувствува морална одговорност за случувањата додека раководел со клиниката. Терапијата ја делеле раководителите на одделенија, а тој само потпишувал.

На сослушување во Собранието беа и поранешни министри, претставници на Фондот за здравство, државниот санитарен и здравствен инспекторат. По еден месец работа, комисијата не ги усвои заклучоците предложени од претседателката со кои се бараше политичка одговорност од екс министерот Филипче, поранешниопт директор Васев и организацискиот директор Нухи. 

За случајот Онкологија кој беше обелоденет на крајот од летото, неколкупати се одржуваа и протести со кои се бараше институциите да ги откријат виновниците. Обвинителството оформи предмет, во процесот вклучи и пациенти, контактираше и со властите во Косово. 

По речиси четири месеци, денеска од обвинителство велат дека во тек е предистрагата и не можат да откријат дали се точни сомнежите дека терапијата во Онкологија се менувала со физиолошки раствор, а вистинските лекови се изнесувале од клиниката и се продавале на црно.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons