МакедонијаНајново

Од утре исплата на повисока минимална плата за 40.000 работници и за 1.000 денари повисока пензија за пензионерите

Новата минимална плата за март е во износ од 26.046 денари, а покачувањето на пензиите е линеарно за сите

Од 1 април започнува исплатата на новата минимална плата за март во износ од 26.046 денари. На сметките на пензионерите пак треба да легне мартовската пензија, која е за 1.000 денари повисока од минатиот месец. Според пресметките, новата минимална нето плата е зголемена приближно за 1.667 денари во однос на досегашниот износ. Ова усогласување се врши согласно законската формула, која ја зема предвид половината од растот на просечната плата и половината од трошоците за живот во изминатата година.

Иако станува збор за редовно законско усогласување, синдикатите реагираат дека ваквото зголемување не е доволно за да го покрие растот на трошоците за живот. Според нив, минималната потрошувачка кошница значително расте, па барањата остануваат за минимална плата од околу 600 евра.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, минатиот месец на состанок на Економско социјалниот совет посочи дека растот на просечната бруто-плата во 2025 година во однос на 2024 година е 9,6 проценти, додека инфлацијата на годишно ниво е 4,1 проценти и според овие податоци е пресметан и сегашниот раст на минималната плата.
Паралелно со растот на платите, предвидено е и ново линеарно зголемување на пензиите. Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, сите пензионери ќе добијат дополнителни 1.000 денари.
Ова покачување се однесува на сите корисници на пензија и претставува дел од серијата зголемувања во изминатиот период.

„Сите видови на пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година“, стои во Законот.

Економските аналитичари посочуваат дека растот на минималната плата има директно влијание и врз пензискиот систем. Пензиите во Македонија се усогласуваат според таканаречената „швајцарска формула“, која ги следи и платите и инфлацијата, што значи дека секое зголемување на платите индиректно влијае и врз пензиите.

Сепак, и покрај зголемувањата, останува дилемата дали тие се доволни. Додека Владата тврди дека се работи за континуирано подобрување на стандардот, синдикатите и дел од експертите предупредуваат дека инфлацијата и растот на цените го „јадат“ ефектот од овие мерки. Во наредниот период се очекува дебатата за платите и пензиите да продолжи, особено во контекст на барањата за дополнителни корекции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons