Од денеска стартува евтината дневна тарифа на струјата
Од денеска во периодот од 13 до 15 часот домаќинствата повторно ќе имаат евтина дневна тарифа на струјата. Со ова, вкупно 11 часа ќе имаат на располагање евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во недела.
За да дознае секој дали кај него дома е активна евтината тарифа, треба да провери дали на екранот на струјомерот во 13 часот ќе се појави ознаката Т2 (за ниска тарифа).
Оваа ознака засега, како што соопшти ЕВН ја имаат 170.000 домаќинства кои поседуваат струјомери со далечинско управување. Тие и први ќе почнат да ја користат евтината дневна тарифа. Останатите 650.000 домаќинства ќе треба да почекаат вработените на ЕВН рачно да го сетираат броилото.