Одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење и набавка на тестови за дрога, предлага Тошковски
Министерот смета дека мора да се предвиди и инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, затоа што, како што вели, бројките се страшни – во 2022 година биле констатирани 16.359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а во 2024 година 19.000 прекршоци
Неопходно е ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци. Мора да се ревидира членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекува парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која започна јавната расправа посветена на потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот.
Тој нагласи дека е потребно да се обезбеди дека санкциите се спроведуваат доследно и континуирано, а не само периодично при засилени акции на МВР кога е зголемен фокусот на јавноста, што може да се постигне со дигитализација и автоматизација.
– За таа цел веќе неколку месеци работиме на целосно и ефикасно имплементирање на системот Безбеден град, кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци преку целосно дигитализирање на процесот при тоа комплетно елиминирајќи го човечкиот фактор и можноста за злоупотреби. Исто така, испланиравме средства за поставување на камери и во другите градови низ државата така што овој систем од „Безбеден град“ ќе прерасне во „Безбедна држава“ – соопшти Тошковски.
Министерот смета дека мора да се предвиди и инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, затоа што, како што вели, бројките се страшни – во 2022 година биле констатирани 16.359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а во 2024 година 19.000 прекршоци.
– Исто така размислуваме и за воведување на задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење – додаде Тошковски.
Во текот на анализите и изработката на промените на законите во делот на сообраќајот, како што соопшти тој, биле воочени и проблеми и со спротивности помеѓу законите кои ја регулираат оваа материја.
– Еден пример е кај забраната за управување со моторно возило. Законот за прекршоци вели дека забраната почнува да тече од денот на евидентирање на истата во возачката дозвола, додека во законот за извршување на санкции стои дека забраната почнува да тече од денот на внесување на истата во досието на возачот. Друг проблем во овој контекст е што некогаш судовите писмено го известуваат МВР за изречена забрана дури после 3-4 месеци. Затоа, работиме на измени кои ќе го поедностават и забрзаат овој процес и ќе предвидат внесување на забраните во системот преку електронска комуникација на судовите и МВР, се со цел да нема простор за манипулација и ненавремено внесување на забраната – појасни министерот.
Тој вели дека се работи и на проширување на можностите на системот „Безбеден град“ во делот на автоматско санкционирање на нерегистрирани возила. Во подготвителна фаза се на набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол.
– Нашата одговорност не завршува со оваа расправа. Ова не смее да биде уште еден случај што ќе предизвика бурни реакции, а потоа ќе биде заборавен. Одлуките што ќе ги донесеме сега ќе бидат пресудни за тоа дали ќе изградиме општество во кое владее ред и закон или ќе продолжиме да живееме во средина каде што беззаконието и неказнивоста стануваат норма. Имаме можност што не смееме да ја пропуштиме, можност да направиме вистинска промена – промена што ќе спаси животи, што ќе донесе правда и што ќе обезбеди систем што ќе функционира за сите граѓани, подеднакво – порача Тошковски.
Министерот за правда, Игор Филков на расправата порача дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните.
Министерот смета дека при изготвување на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се тргне од тоа дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект. Покрај тоа, вели тој, важно е да се изврши консултација со граѓаните, граѓанскиот сектор, експерти, универзитетската фела, адвокати, поранешни судии, преку анкети и јавни расправи, за да добиеме мислење и да се осигураме дека новите закони одговараат на потребите на општеството.
– Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода – рече тој.
Овие измени, според него, ќе придонесат за создавање на поефективна правна рамка со која ќе се подобри безбедноста во сообраќајот и ќе ги мотивираат возачите да ги почитуваат сообраќајните правила.
– Изрекувањето на санкциите треба да оди во насока на примена на одредбите, соодветна квалификација на делото, а со самото тоа и соодветно санкционирање, како и заострување на казнената политика, со акцент на возачи кои учествуваат во сообраќајни незгоди со смртни последици. Судската пракса треба да се темели на почитување на законските начела, со посебен акцент на непристрасноста при донесувањето на одлуки и независноста на судиите во постапувањето. Поради тоа, судиите мораат да ги применуваат одредбите на законот во целост, да го земат предвид секој поединечен случај и да осигурат дека казните се во согласност со тежината на делото – рече Филков.
Министерот смета дека треба да се примени превентивен пристап за да се спречи можноста за повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот. Ова, според Филков, ќе ги мотивира возачите да ја подобрат својата сообраќајна култура и да ги почитуваат сите правила.
При измените на Кривичниот законик важно е да се разгледаат и применат добрите практики од компаративните искуства на други земји, со посебен акцент на правните решенија од земји како што е Република Хрватска и други.
Филков информираше дека министерствата за правда, за внатрешни работи, – судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во контекст на овој процес, формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
– Новите измени и дополнувања во Закон за прекршоци ќе вклучуваат: Посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city). Овој систем ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата – најави министерот за правда.
За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд, а во случај на сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот, вели тој, ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола.
– Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата. Оваа казна има за цел да спречи понатамошни трагични настани на патиштата и да се обезбеди поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот – рече Филков.
Сите измени, додава тој, во оваа насока имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици, и да ги заштитат животите на сите учесници во сообраќајот.
Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Според најавите, јавната расправа се очекува да трае околу два часа, а на неа се поканети претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, судии, јавни обвинители, невладини организации, медиуми и останати општествени чинители.
Иницијативата за одржување на јавната расправа беше поднесена во понеделникот од страна на пратеници од владејачките ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, а поддршка дадоа пратениците од сите политички партии.