Обвинението за пожарот во Кочани е на оценка пред надлежниот Совет, Кривичниот суд бара трпение за да не се случат пропусти
Обвинението во врска со пожарот во Кочани е во фаза на оцена пред Совет за оцена на обвинителен акт, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје. оттаму додаваат дека до сега до судот се доставени 40 приговори од обвинетите и нивните бранители кои веќе се доставуваат до надлежното јавно обвинителство за да се запознае и произнесе по приговорите.
Примените приговори се во фаза на анализа од Советот за оцена по што треба да биде донесена одлука.
„Како што посочивме и во соопштението од 18.07.2025 година, станува збор за обемен обвинителен акт со голем број докази и оштетени лица, како и 37 обвинети правни и физички лица и судот ги презема сите Законски обврски за навремена оцена со доследно почитување на правата на странките“, велат од Кривичниот суд.
Заради појаснување како пример од судот посочуваат и други обвиненија кои се однесувале на 30 и повеќе обвинети, а за кои било потребно време додека се донесе конечна одлука од страна на судот. Од судот како примери ги наведуваат обвинителниот предмет во јавноста познат како Адитив против 36 обвинети правни и физички лица, поднесен на 27.02.2025 година по исполнување на сите законски предвидени рокови, оценет беше на 6.05.2025 година. Обвинителниот предмет познат како Синџир против 41 обвинети правни и физички лица, поднесен на 23.01.2024 година беше оценет на 22.04.2024 година. Обвинителниот предмет во јавноста познат како 27 ми април против 30 обвинети, поднесен на 27.03.2018 година беше оценет на 22.06.2018 година.
„Предмети кои биле и со помал број на обвинети лица, а бил оценувани вон судска ферија и годишни одмори кои ги користат адвокатите, потребни биле околу 3 месеци за нивна оцена. Судот апсолутно го разбира интересот на јавноста за оваа постапка, но законодавецот предвидел прецизни рокови и права кои мора да бидат испочитувани како од странките во постапката така и од судот, сѐ со цел да не се случат пропусти во постапката кои во иднина може да го компромитираат судскиот процес“, велат од Кривичниот суд Скопје.