Нови авиолинии од Скопје до Франкфурт, Луксембург, Штудгард, Салцбург и Љубљана
Со субвенции од Владата, германската авиокомпанија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а унгарски „Виз Ер“ четири – од Скопје до Луксембург, Штутгард, Салцбург и до Љубљана.
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии, што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“.
„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април, десет пати неделно, а „Виз Ер“ ќе ги опслужува четирите нови дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава.
Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.
Авиопревозниците „Луфтханза“ и „Визер“ ќе летаат и по неколку пати дневно од нашите аеродроми. Со авиопревозникот „Луфтхаза“ преку Франкфурт, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе земји во Европа и светот со оглед на тоа дека аеродромот во Франкфурт е еден од неколкуте најголеми аеродроми во светот. Јас сум сигурен дека преку субвенционирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на воздушниот сообраќај, рече премиерот Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Наша стратешка цел, потенцираше тој, е да ги искористиме сите капацитети што ги нудат Меѓународниот аеродром „Скопје“ и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Според Бочварски, воведени се нови дестинации за кои имало голем интерес од граѓаните. Има, како што рече тој, дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации.
Одговорено е позитивно на барањата за новите пет дестинации од овие две авиокомпании, а секоја друга компанија што ќе сака да оперира од нашите аеродроми кон која било европска дестинација тоа може да го направи и без субвенции. Но, останува правото на Министерството за транспорт и врски, доколку сметаме дека е потребно, а јас сметам дека е потребно и имаме дополнителни средства да објавиме и нов повик кон крајот на оваа година со цел да привлечеме можеби дополнителни авиокомпании но и дополнителни дестинации за нашите граѓани, рече Бочварски.
„Луфтханза“ и „Виз Ер“ за дестинацијата за која ќе добиваат финансиска поддршка ќе имаат обврска и по завршувањето на субвенциите да продолжат да ја оперираат линијата за период за кој добивале субвенциите. Во спротивно, ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка. Ако компанијата добивала субвенции во рок од три години, ќе мора и по истекот на тие три години да ја оперира таа линија без државата да и плаќа на компанијата.
Повикот со кој се склучени договори со „Луфтханза и „Виз Ер“ е втор годинава, а првиот беше поништен откако Комисијата за евалуација на понудите што ги доставија авиокомпаниите „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан Ерлајнс“ констатираше дека не ја доставиле пропишаната комплетна документација.
Државава ќе доделува финансиска поддршка за нови летови по пауза од една година. Заклучно со 1 март лани, субвенции по овој основ добиваше „Виз Ер“ преку три последователни договори.