Актуелно

Не отворајте сомнителни линкови од е-пошта и не споделувајте лични податоци со непознати лица, апелира МВР

Од МВР велат дека овие електронски пораки се класичен обид за измама со цел прибирање на лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба

Во врска со зголемениот број на измами што годинава беа забележани, а кои опфаќаат фишинг напади и случаи на лажно претставување во име на Пошта, како и на други државни институции и правни субјекти, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните дека главната цел на фишинг измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница преку која со оставање на неговите лични податоци може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби на истите.

– Овој тип на фишинг напад доаѓа во форма на СМС пораки во кои се известуваат граѓаните дека имаат наводна пратка на нивно име, за која е потребно да доплатат многу мала сума за испорака. Во СМС пораката исто така има линк, кој води до веб-страницата што е дизајнирана да изгледа како легитимна веб-страница на Пошта на Северна Македонија, како и на други државни институции и правни субјекти. Преку форма за внес на податоци граѓаните ги внесуваат податоците на своите платежни картички. Обично веднаш се извршува плаќањето на првобитната сума, за после некое време да се изврши поголема трансакција – се вели во соопштението.

Од МВР велат дека овие електронски пораки се класичен обид за измама со цел прибирање на лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба.

– Затоа, апелираме до сите граѓани да бидат внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа се бара – велат од Министерството.

Во последниот период, овој тип на измами заземаа друга форма каде што граѓаните се изманипулирани да инвестираат на лажни платформи за инвестирање и тргување на криптовалути.

– Измамата типично почнува со тоа што жртвата ќе пронајде и ќе се регистрира на наводна платформа за инвестирање и тргување со криптовалути, за подоцна да биде контактирана (најчесто телефонски) од странски телефонски броеви од страна на непознатите сторители. Сторителите се претставуваат како советници за инвестирање и финансии, и ќе отпочнат интензивна и долга комуникација со жртвите, притоа наведувајќи ги да вложуваат сè повеќе финансиски средства. Во текот на комуникацијата, непознатите сторители цело време напомнуваат дека жртвата во секое време може да ги повлече уплатените финансиски средства, како и остварените добивки. Но кога ќе дојде моментот за тоа да се оствари, сторителите измислуваат разни препреки и дополнителни давачки за остварување на истото – предупредува МВР.

Со цел да се заштитат граѓаните од ваков тип на измами, Секторот за компјутерски криминал препорачува да не се отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во е-пошта од непознати испраќачи, да не се одговара на непознати телефонски броеви, како и да не се оставаат свои лични податоци, податоци од свои платежни картички на непознати веб-страници и платформи.

– Исто така, доколку граѓаните пронајдат одредени платформи или сервиси за инвестирање од каков било тип, задолжително да извршат проверка на интернет за нивната легитимност и автентичност, односно дали исполнуваат одредени критериуми за меѓународна регулација за брокери – додаваат од Министерството.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons