НБРСМ: Во тек е јавна набавка за 20 милиони парчиња банкноти од 100 денари
Има ли недостиг на банкноти од 100 денари? Ако ги прашате банките и менувачниците има и тоа повеќе од три недели. За Народна банка пак недостиг нема бидејќи според неа во оптек циркулираат 20 милиони банкноти со апоенска вредност од 100 денари.
Банкноти од по 100 денари нема ниту во банкоматите на банките од кои можеше да се земат. Шалтерските работници во одредени банки со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека се чувствува недостиг на „стотки“.
– Пуштени се во оптек банкноти од 200 денари кои порано ги немаше во толкава количина. Се снаоѓаме некако – велат тие.
И во менувачниците велат дека нема доволно стотки, но затоа има банкноти од 200 денари.
Во Народна банка велат дека количината што е во оптек е доволна за работење.
-Не станува збор за недостиг на банкноти од овој апоен. Со цел намалување на притисокот на побарувачката врз одредени апоени и обезбедување рамномерна застапеност на сите апоени во оптек, Народната банка согласно со своите законски надлежности и овластувања врши прилагодувања на побарувачката за одредени апоени. Имајќи предвид дека во оптек циркулира релативно голема количина на банкноти од овој апоен Народната банка врши прилагодување на барањата за повлекување на готовина од страна на банките според моменталната застапеност на количините на сите апоени во оптек- велат од НБРСМ.
Објаснуваат дека печатењето на банкноти се врши согласно со анализите што ги спроведува Народната банка за динамиката на потрошувачка на залихите од сите апоени кои циркулираат во оптек, како и проекциите за идните очекувани движења на побарувачката за одредени апоени со цел рамномерна застапеност на целата палета на апоени кои циркулираат во оптек.
– Заради навремено надополнување на залихите на банкноти со апоенска вредност од 100 денари, во тек е постапка за јавна набавка на количина од 20 милиони парчиња што ќе обезбеди непречено задоволување на потребите од овој апоен за период од околу 3-4 години – велат во НБРСМ.



