Најфиниот сос од печурки: Совети со кои секогаш ќе испадне совршено кремаст и полн со вкус
Печурките се идеална намирница за подготовка на фантастични сосови, полни со вкус и мирис, кои одлично се комбинираат со ориз, тестенини, палента, месо или зеленчук. Покрај тоа што имаат карактеристична земјена нота, тие се богати со арома, која дополнително може да се засили со додавање сушени печурки, пишува „Пун куфер“.
Еден од триковите на врвните готвачи е користење сок од печурки печени во рерна како основа на сосот. За течност може да се избере месен или зеленчуков темелец, вино или пасирани домати. За поинтензивен вкус, додајте пармезан или квалитетно маслиново масло. Италијаните често користат софрито – мирисна мешавина од ситно сечкан кромид, морков и целер, динстани во масло или путер.
Како да ги одберете печурките?
Пред купување внимателно прегледајте ги: труење може да предизвикаат не само отровни, туку и стари печурки. Кај вргањите, клопнете по капата – ако е затегната и одѕвонува, свежи се. Мирисајте ги и проверете дали имаат дупчиња од црви – таквите обично се расипани. Купувајте млади и свежи печурки и искористете ги што побрзо. Во фрижидер чувајте ги во хартиени, а не во пластични ќеси.
Како да се исчистат?
Печурките не се мијат со вода бидејќи впиваат влага. Наместо тоа, користете четка или кујнска крпа за нежно да ја отстраните нечистотијата. Така ќе го сочувате вкусот и текстурата.
Како да се подготват?
Помалите печурки може да останат цели. Средните исечете ги на четвртини. Некои видови може ситно да се исечат.
Бидејќи содржат многу вода, не ги гответе на ниска температура – така ќе пуштат течност и ќе се варат во сопствен сок. Подобро е да користите средна до висока температура и повеќе маснотија. Солта додајте ја пред самото сервирање, а биберот може на почеток.