Актуелно

Мицкоски: Професионален и одржлив граѓански сектор кој е вистински партнер во креирањето и реализацијата на државните политики

„Почитувани претставници на граѓанските организации,Почитувани партнери, пријатели,Драги соработници,

Голема чест е денес да зборувам за една од најважните теми за секоја модерна и демократска држава, партнерството меѓу Владата и граѓанското општество. Ниту една влада, колку и да е силна, не може сама да ги носи промените. А ниту едно граѓанско општество, колку и да е развиено, не може да ја исполни својата улога без институции кои се отворени, транспарентни и подготвени за дијалог. Токму затоа денес можеме со гордост да кажеме дека Македонија гради зрел, структуриран и одговорен модел на соработка.На 8 јули оваа година, на 90 седница на Владата, ја усвоивме Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028. Ова не е документ напишан во кабинет, ова е стратешка рамка создадена низ транспарентен и партиципативен процес. Во нејзината подготовка активно учествуваа претставници на граѓанските организации, беа спроведени консултации преку ЕНЕР, се одржаа две јавни расправи, а Советот за соработка со граѓанското општество даде позитивно мислење со кое го потврди нашиот заеднички правец.Визијата е јасна: силен, независен, професионален и одржлив граѓански сектор кој е вистински партнер во креирањето и реализацијата на државните политики. Сектор кој ја засилува демократијата, ги штити правата на граѓаните, ја следи работата на институциите и помага да се затвори јазот меѓу институциите и народот.Стратегијата почива на три носечки принципи. Прво, инклузивност и партиципативно планирање, затоа што политиките мора да се градат со оние кои секојдневно работат на терен. Второ, сигурност и одговорност, затоа што граѓанскиот сектор мора да има стабилна правна рамка и јасни правила на игра и трето, отвореност и транспарентност, затоа што само отворена држава може да воспостави доверба и еднаквост пред законот.Усвојувањето на оваа стратегија значи подобра правна рамка, поголеми механизми за учество, повисока финансиска одржливост и посилни демократски стандарди. Предвидуваме и формирање гарантен фонд нов инструмент кој ќе им овозможи на граѓанските организации полесно да обезбедуваат кофинансирање за европски и меѓународни фондови како ИПА, Хоризонт Европа, ИнвестЕУ, Дигитал Европа и други. Со ова го отвораме патот за побројни, посериозни и поквалитетни проекти.Особено важно е и заживувањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. По обемни консултации, го оптимизиравме неговиот состав, воведовме заменици за поголема ефикасност и ја засиливме обврската за транспарентност. Со конститутивната седница на 7 април го прекинавме тригодишниот бојкот и денес Советот функционира активно, досега се одржаа пет седници, сите материјали и записници се јавно објавени. Советот веќе номинираше 13 претставници на граѓанскиот сектор во советодавни и работни тела на Владата, што претставува реално, суштинско влијание на секторот во изработката на политики.
Паралелно работиме и на нов Закон за здруженија и фондации современ, европски, функционален, создаден во партнерство со секторот. Работната група предводена од Министерството за правда одржа повеќе состаноци, а нашата цел е до крајот на годината текстот да биде објавен на ЕНЕР и доставен до Венецијанската комисија. Ова не е закон на Владата, ова е закон што го создаваме заедно со вас.Граѓанските организации веќе учествуваат и во подготовката на Програмата за работа на Владата за 2026 година. На 15 август упативме јавен повик, согласно Кодексот за добри практики, и пристигнаа 22 иницијативи од организациите. Со измените на Деловникот го продолживме рокот на јавна консултација од 20 на 30 дена затоа што вистинските политики бараат време, дебата, дијалог и аргументи.Почитувани присутни,Ова не е само административен процес. Ова е промена на политичката култура. Ова е пораката дека државата конечно ги третира граѓанските организации како рамноправни партнери, како фактори што носат развој, стабилност и контрола, а не како странец во политичките процеси.Ви посакувам убав остаток на денот и Ви благодарам на присуството.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons