Мицкоски: Проектите од научно – истражувачката дејност во Македонија ја имаат нашата поддршка како Влада
Добро е да е човек дома, ова е мојата институција, Машинскиот факултет во Скопје и многу сум среќен и чувствувам некоја посебна емоција бидејќи самиот настан е порака дека фокусот на оваа Влада, во соработка со Машинскиот факултет, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Канцеларијата на Европската комисија кај нас, е науката.
И тоа е многу важно, бидејќи само со науката можеме да одиме напред. Ако ја развиваме науката можеме да одиме напред. Без силна наука, без силно образование, без силно високо образование, но и не само високо, образованието треба да биде силно уште од претшколска возраст, преку основното, средното, па и до високото, не можеме да имаме силен раст на државата, не можеме да имаме на економијата, а со самото тоа понатаму и во другите сектори.
Добро е што ќе има размена на научници. Добро е што наши научници ќе патуваат надвор, од надвор ќе доаѓаат научници кај нас. Со тоа се прави трансфер на знаење, се прави мрежа, се публикуваат научни трудови, се помага на индустријата. Тоа е многу важно да се каже дека сите овие научни достигнувања, коишто очекуваме да бидат резултат од овој проект, да помогнат на развојот на индустријата, со тоа и на економијата.
Така што генерално, за мене посебен ден и апсолутно ваквите настани, овој тип на проекти ја имаат нашата целосна поддршка како Влада.