Актуелно

Мицкоски: Нашата обврска е јасна, економија со ред, пазар со правила, држава со достоинство

Почитувани претставници на институциите, бизнис-заедницата и медиумите,

Денешната конференција за формализирање на неформалната економија не е само експертска расправа. Таа е разговор за праведност во општеството. За довербата во системот. За тоа дали ќе дозволиме чесните да бидат казнувани, а нечесните да профитираат.

Сивата економија не е апстрактен поим. Таа е изгубен приход за државата, но уште поважно – изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии итн. Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој којшто работи чесно.

Нашата цел е јасна: формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално.

Во тој процес сакам јавно да изразам искрена благодарност до министерката за финансии, Гордана Кочовска Димитриевска, за нејзината исклучителна посветеност, професионалност и дисциплина во управувањето со јавните финансии.

Во време на глобални економски притисоци, растечки трошоци и неизвесности, Министерството за финансии обезбеди стабилност, контрола и подобрена наплата на приходите.

Благодарност упатувам и до Министерството за економија и труд, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција итн. Нивната координирана и засилена акција во сузбивање на даночните измами, финансискиот криминал и нелегалните текови испраќа јасна порака, а пораката е дека законот важи за сите. Нема селективност. Нема привилегирани. Секој што работи – мора да придонесува.

Но, да бидеме искрени – оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска.

Затоа работиме на:

Дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци;

Намалување на административните бариери за регистрација на бизнис;

Стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија;

Зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите.

Нашата стратегија се темели на три принципи: поедноставување, правичност и поддршка.

Но, паралелно со борбата против сивата економија, мора да проговораме и за нешто што секој граѓанин го чувствува – цените во маркетите.

Како Влада ја споделуваме загриженоста на граѓаните. Глобалните движења, енергетските шокови и нестабилностите влијаат врз пазарите. Но тоа не смее да биде алиби за неоправданите маржи и прекумерни профити на грбот на граѓаните.

Пазарната економија значи слобода на трговија, но не значи без контрола. Конкуренцијата мора да биде фер. Потрошувачот мора да биде заштитен.

Затоа ќе продолжиме со:

Засилен мониторинг на цените на основните прехранбени производи;

Анализа на трговските маржи;

Координација со надлежните институции за спречување на евентуални злоупотреби;

Дијалог со трговците и производителите за стабилизирање на пазарот.

Нашата политика е јасна: стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард.

Ние немаме право да дозволиме нечесноста да биде попрофитабилна од чесноста. Немаме право да дозволиме граѓаните да плаќаат повеќе поради нечии шпекулативни практики. Немаме право да толерираме систем во кој некој работи во сенка, а другиот ја носи тежината на системот.

Силна држава подразбира ред.

Силна економија подразбира транспарентност.

Праведно општество подразбира еднакви правила за сите.

Формализирањето на економијата е дел од европскиот пат, дел од модернизацијата и дел од нашата обврска кон идните генерации.

Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните.

Борбата против сивата економија не е кампања. Таа е процес.

Контролата на цените не е популизам. Таа е заштита на граѓаните.

Ќе бидеме и цврсти и праведни.

И кон оние што избегнуваат обврски.

И кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите.

Затоа што нашата обврска е јасна – економија со ред, пазар со правила, држава со достоинство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons