Меси, Мбапе и Бензема во трката за најдобар играч според ФИФА
Освојувачот на Светското првенство, Лионел Меси, неговиот соиграч од Пари Сен-Жермен и актуелниот освојувач на „Златната топка“, Карим Бензема се во скратениот избор за ФИФА БЕСТ наградата за најдобар играч во 2022 година.
Трите фудбалски мегаѕвезди се издвоени од првичниот список од 14 фудбалери по гласањето на селекторите на репрезнтациите членови на ФИФА, нивните капитени, новинарите и фановите. Изборот не е изненадувачки, бидејќи изборот на ФИФА се одвива од август 2021 до 18 декември 2022 година.
Прв фаворит, апсолутно, е Лионел Меси, кој на Аргентина и ја донесе третата светска титула на Мундијалот во Катар. Мбапе, пак, беше во поразениот тим, репрезентацијата на Франција, и во финалето постигна хет-трик. Неговиот сонародник Бензема, отсутен во Катар поради повреда и контроверзи, пак, во октомври ја освои својата прва „Златна топка“ по фантастична сезона во Мадрид.
Резултатите ќе бидат објавени на посебна церемонија на 27 февруари.