Македонските мировници остануваат во Либан, но нивното повлекување не се исклучува како опција
Македонските мировници распоредени во мисијата на Обединетите нации во Либан „УНИФИЛ“ засега нема да бидат повлечени, и покрај ескалацијата на немирите на Блискиот Исток и навлегувањето на израелската војска во Либан во операциите против Хезболах.
За разлика од другите балкански земји, кои веќе започнаа со евакуација на своите граѓани од регионот, а Хрватска најави повлекување на своите војници од Ирак и Либан како мерка на претпазливост, Македонија засега ќе ја задржи својата контингентна единица во мировната мисија.
Министерството за одбрана ја следи ситуацијата, доколку се влоши состојбата, нашите мировници ќе се вратат дома
Во одговор на прашањето на „Слободен печат“ дали македонските мировници ќе бидат повлечени како мерка на претпазливост, Министерството за одбрана нагласува дека се следи безбедносната состојба на Блискиот Исток, вклучително и информациите добиени од мисијата во Либан.
„Министерството и Армијата се во постојан контакт со нашите припадници кои се дел од мисијата и кои континуирано ги извршуваат своите задачи. Безбедносната состојба на Блискиот Исток се следи постојано. Во моментов не е предвидено повлекување на македонските припадници, но во зависност од развојот на настаните, таа можност не се исклучува“, велат од Министерството.
Дополнително, од Одбрана истакнуваат дека во рамки на УНИФИЛ во Либан учествуваат двајца штабни офицери од македонската Армија, распоредени во италијанскиот контингент во Шама. Сите мировници, како што додаваат од ресорното министерство, се заштитени според воспоставените безбедносни процедури.



