Македонија ја совлада Естонија на стартот од квалификациите за ЕП 2026
Вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје македонската сениорска машка ракометна репрезентација ја совлада Естонија со 37:33 во првиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година.
Многу потешко од очекувањата избраниците на селекторот Кирил Лазаров дојдоа до првите бодови во квалификациската група 1 во која играа и репрезентациите на Словенија и Литванија.
Добро почна нашата селекција поведувајќи со 4:1, па одржуваше предност од три-четири голови разлика. На семафорот имавме 8:4, па 12:8, 13:9, и наместо рутински да го одржуваме водството до паузата, дозволивме противникот резултатски да се враќа постепено.
Естонците не се предаваа, константно опасно се доближуваа неколку пати на „минус еден“ (16:15, 17:16), а нешто подоцна и дојдоа и до израмнување на 19:19, а по првиот дел беше 20:20.
Силниот налет на Естонија не застана, па во второто полувреме и го контролираше водството во своја полза, поведе со 23:22, а подоцна имаше и „плус два“ од 26:24.
Успеавме да се консолидираме во следниот период, при нерешени 28:28, направивме серија од 4:0 што беше клучно за крајниот епилог. Полека се кршеше отпорот на гостинот, па дојдовме и до „плус пет“ (34:29). Естонија уште еднаш се закани доаѓајќи до „минус два“ (35:33), но до финишот постигнавме уште два гола за прва победа во квалификацискиот циклус.
Кај стрелците во македонската репрезентација Серафимов имаше 10 голови, по седум Митев и Кузмановски, а по три погодоци запишаа Џонов и Петковски.
Литванија е нашиот следен противник на гостински терен во Вилнус на 10 ноември.