Македонија убедливо ја победи Гвинеја и се пласираше во следната фаза на ракометното Светско првенство
Македонската ракометна репрезентација дојде до првата победа на Светското првенство кое се игра во Хрватска, Данска и Норвешка. Репрезентацијата во Вараждин го совлада аутсајдерот Гвинеја со 29-20 и целосно ја оправда улогата на фаворит.
Македонските ракометари имаа проблеми само на почетокот на мечот, кога Гвинеја се покажа како жилав противник, но како одминуваше времето, избраниците на Кирил Лазаров го презедоа водство, и само го зголемуваа.
Клучниот момент за обезбедување на победата се случи на почетокот на вториот дел, кога Македонија погодуваше, и добро се бранеше, за на крај убедлив триумф.
Најефикасен беше Филип Кузмановски кој постигна 12 голови, додека кај Гвинеја најефикасен беше Корше со четири погодоци.
Македонија со оваа победа оди во следната фаза, и во групата ќе игра против Австрија, Катар и Франција. Македонија во втората фаза пренесува и еден бод, освоен од дуелот со Унгарија на првиот меч на Светското првенство.