Македонија денеска го слави 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба
Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
На овој ден во 1893 година во Солун била основана Македонската Револуционерна Организација (МРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.
Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.
На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија. Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат.
Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција.